Почетна / Вести Македонија / Извозот на овошје и на зеленчук соборува рекорди

Извозот на овошје и на зеленчук соборува рекорди

Во првото тримесечје извозот на храна вредел 139 милиони евра, а ако трендот продолжи со вакво темпо, се очекува земјоделците годинава да остварат приход од 400 милиони евра.

Македонија во првиот квартал извезла храна за 139 милиони евра, што е зголемување за речиси четири проценти во истиот период лани. Ако извозот продолжи со вакво темпо, статистички до крајот на годината треба да очекуваме рекорден извоз кој во државната каса треба да слее над 400 милиони евра. Споредено со минатите години, оваа година би требало да биде рекордна ако се знае дека во 2010 година сме извезле храна за 329 милиони долари, во 2011 за 379 милиони.

Земјоделците тријат раце од остварените резултати. Во Сојузот на земјоделците на Македонија велат дека зголемениот извоз се должи на с` повисокиот квалитет што го имаат домашните фармери.

– Временските услови годинава одат во наша полза и се надеваме на висок квалитет и богат род. Трговците се постојано на терен, купуваат и извезуваат. Можеби македонските граѓани ќе плаќаат за нијанса повисоки цени на земјоделските производи, но ова е единствен начин да се пласира нашиот род, бидејќи Македонија е мал пазар и нема капацитет да го апсорбира целото производство – вели Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделците на Македонија.

Граѓаните, пак, незадоволни од цените на зелените пазари. Велат дека с` што е убаво и квалитетно завршува надвор од границите.

– Цените се многу високи. Ако лани за 300 денари можевме да купиме и зеленчук и овошје за една недела, годинава ни требаат речиси двојно повеќе – вели Родна Илиевска од Скопје.

Експертите велат дека во следниот период ќе расте извозот на овошје и на зеленчук. Според нив, временските услови и поплавите во најголемиот дел од земјите во кои извезуваме ќе придонесе да се зголеми побарувачката на храна од земјава. Зголемениот извоз е причина плус за високите цени на зелените пазари. Така зелката може да се купи за 40 денари, црешите за 60, кајсиите и праските за 70 до 100 денари. За земјоделците отворањето на границите е единствен начин да се продаде родот, кој до пред неколку години масовно завршуваше скапан на нивите или фрлен по улиците бидејќи немаше кој да го купи. Најзначајни партнери на Македонија и за извоз и за увоз се балканските земји, Србија, Kосово, Хрватска и Босна и Херцеговина, каде што се извезуваат 52 отсто од македонските производи, а во ЕУ оди 41 отсто пласманот.

– Во период јануари-април годинава, во однос на истиот период 2012 година, извозот на храна бележи зголемување од 3,6 отсто, а увозот бележи намалување од 6,4 проценти. Овие движења во размената се рефлектираат и на остварениот трговски биланс кој иако е негативен, е со тенденција на намалување од 15,2 проценти. Извезени се земјоделски прехранбени производи во вредност од 139,2 милиони евра, а увезени во вредност од 206,2 милиони евра – велат во Министерството за земјоделство.

Во првите четири месеци од годинава, овошјето и зеленчукот во вкупниот извоз на земјоделско прехранбени производи учествуваат со околу 12,8 проценти, од кој зеленчукот со 7 отсто и овошјето со 5,7 проценти. Вкупната вредност во периодот 2013 година, на извозот на овие производи изнесува 17,7 милиони евра, од кој вредноста на извезеното овошје изнесува 7,97 милиони евра, а на зеленчукот 9,8 милиони евра. Од зеленчукот, најмногу се бара македонската зелка, од чиј извоз се заработени 7 милиони евра, потоа следат краставиците и корнишоните (900.000 евра), кромидот (600.000), доматите (400.000), и компирот (300.000). Главно извозот на зеленчук е насочен кон Србија, Хрватска, Полска, Украина, Албанија, Бугарија, Kосово, Белорусија и Ирак.

Во однос на извозот на овошјето доминантно е учеството на јаболката, со вкупна вредност од 7,8 милиони евра или околу 42.000 тони и учество во вкупниот извоз на земјоделско прехранбени производи од 5,6 проценти. Во извозот со помали вредности се јавуваат јаткасто овошје, агрумите, грозје и друго. Просечните извозни цени главно се во нагорна линија. Највисок процент на зголемување има кај јаткасто овошје за 145 отсто и грозјето за 80,5 отсто. Овошје најмногу извезуваме во Србија, Kосово, Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Романија и во Ирак.

Kонзервната индустрија донесе 46 милиони евра

Македонските конзервни фабрики лани оствариле рекорден извоз. Од вкупно 43 преработувачки капацитети лани се произведени 54 илјади тони што е резултат на ниво на рекордот од 2008 година. Реализираниот извоз изнесувал 40,5 илјади тони, а остварени се 46,1 милиони евра, приход што е рекордна бројка постигната во оваа гранка. Во овој дел од стопанството вработени се околу 1.100 постојано вработени и 3.300 сезонски работници.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …