Во новите земји-членки на ЕУ само 0,2 отсто од корисниците добиваат 25 отсто од европските земјоделски субвенции поради раслојувањето во секторот помеѓу многуте ситни и средни и помалку крупни стопанства.
Само 0,2 отсто од корисниците во новите земји-членки на ЕУ добиваат 25 отсто од европските земјоделски субвенции, се вели во извештај на ЕЦА, претставен вчера во Kомисијата за буџетска контрола на Европскиот парламент. Причината е раслојувањето во секторот помеѓу многуте ситни и средни и помалку крупни стопанства.
Во преговорите за реформа на Заедничката земјоделска политика на ЕУ, Европската комисија и Парламентот сакаат да постават горна граница од 300.000 евра на годишните субвенции. Владите, сепак, инсистираат одредувањето на границата да остане во надлежност на земјите-членки, соопшти известувачот на темата, холандскиот европратеник Јан Гербранди од групата на либералите и демократите, пренесуваат бугарските медиуми.
Во извештајот се наведува дека продолжува плаќањето субвенции и на примачи што немаат право на нив. По проширувањето на ЕУ кон традиционалните измамници, какви што досега беа аеродроми, спортски клубови и ловечки друштва, се додаваат и државите. Во Унгарија, на пример, државата е најголем примател на евросубвенции за околу 300.000 хектари, се вели во извештајот.
– Оваа помош се користи за капитализирање на земјишната сопственост и за манипулација на цените за закуп – рече Гербранди.
Kога една земја ужива поддршка од буџетот на ЕУ, висината на закупот за неа отскокнува. Според Европската комисија, во просек околу 50 проценти од земјоделското земјиште во ЕУ е под закуп. Овој процент варира меѓу 20 и 50 отсто во разни држави. Земјоделските субвенции се најголемата ставка во буџетот на ЕУ, на кои отпаѓаат речиси 40 отсто од неговите трошоци.
– Постојат „дупки“ што оставаат простор за злоупотреби со режимот на субвенциите од страна на земјите-членки. С` уште има празнини во дефиницијата на поимот земјоделец и субвенции добиваат субјекти што немаат право на нив – рече Гербранди.
Извор: dnevnik.mk