Почетна / Вести Свет / Kакаото ќе ги загорчи чоколадите

Kакаото ќе ги загорчи чоколадите

Рекордните цени на какаото на светските берзи и недостигот од оваа суровина се заканува да ги зголеми цените на чоколадото и на чоколадните производи во земјава.

 

Цената на какаото го достигна највисокото ниво во оваа година поради стравот од недоволна понуда на светскиот пазар, а с` повеќе аналитичари очекуваат дека во сезоната 2013-2014 година ќе биде дефицитарен овој плод неопходен за чоколадната индустрија.

Во домашните кондиторски фабрики велат дека, како и досега, неповолните движења на суровините на светските берзи гледале да ги амортизираат на нивна штета, а само кога е најнеопходно, преку корекција на цените на финалните производи. Некои од нив најавуваат промена на цените по Нова година кога ќе им завршат резервираните количества какао.

– Ние имаме годишна цена на какаото. Договараме цена со нашиот снабдувач на годишно ниво и само во енормни разлики во плус и во минус правиме корекција. Но, во моментов скоковите не се толку драстични за да има корекција на цената на какаото. Дали и за колку ќе поскапат нашите производи, ќе знаеме по Нова година кога ќе ја договараме новата цена за какаото. Овие движења на цената на светските берзи секако дека ќе имаат влијание врз финалната цена на нашите производи, но тоа ќе го знаеме по Нова година кога ќе се направат новите пресметки – вели Сашо Наумоски, директор на прилепска „Витаминка“.

Во фабриката за кондиторски производи „Макпрогрес“ од Виница велат дека скокот на цената на какаото на светските берзи засега нема да се одрази врз цените на нивните производи.

– Ние квартално набавуваме и до крајот на годината сме покриени со суровините и тоа по пониска цена. Сметаме дека ако остане вака висока цената на какаото во зрно, ќе се одрази на цените на чоколадите, а не на другите кондиторски производи. Kакао-путерот е многу поскап од какао-правот, а тој се користи за чоколади, а ние користиме какао-прав за бисквити и за кекси – велат во „Макпрогрес“.

Во „Свислион“ од Ресен велат дека само доколку цените на суровините ја поминат границата на исплатливост, дури тогаш ќе бидат принудени да ги коригираат цените на производите.

– Фабриката во Србија за нас произведува какао и какао-путер, односно набавуваме преку нашата фирма-мајка и имаме поконстантни цени за двете суровини. Не се потпираме на македонскиот пазар и флуктуациите на цените не влијаат на нас. Но, доколку растат берзанските цени, секако дека ќе расте и нашата интерна цена. Ние секако дека не претпочитаме веднаш покачување на цените на производите, туку амортизираме на наша штета. Но доколку цените ја поминат границата на исплатливост, дури тогаш ќе бидеме принудени да ги коригираме. Во моментов нашите производи имаат најконкурентни цени на домашниот пазар – вели Фросина Мешкова, директорка на „Свислион“.

Александра Филиповска

Паѓа цената на кафето

Цената на какаото достигна 2.657 долари за тон на берзите во Њујорк и во Лондон, што е рекордно ниво годинава. Експертите на Kомерцбанк предупредуваат дека недостигот на какао во сезоната 2012-2013 може да достигне 200 илјади тони. Се очекува еден килограм чоколадо во САД да достигне рекордна вредност од 12,25 долари, што е зголемување од дури 45 отсто во однос на цената од 2007 година.

Нерамнотежата меѓу понудата и побарувачката е последица на неповолните климатски услови на плантажите за какао во западна Африка.

За разлика од цената на какаото, кафето достигна најниска цена во последните три години. Цената на кафето „арабика“ на берзата во Њујорк го достигна четиригодишниот минимум од 1.660 долари за тон. Веќе со месеци цената на кафето е во постојано опаѓање поради големата понуда, особено од Бразил, најголемиот производител на кафе во светот, а каде што се очекува голем обем на производство и оваа година.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Маслиновото масло ќе поскапи за 30-40 отсто

Екстремна суша со месеци ја погодува Шпанија, додека на италијанските плантажи со маслинки се појавија …