Десет милиони плескавици ќе бидат повлечени од продавниците по големата афера што ги зафати Британија и Ирска, пишува српскиот дневен весник „Политика“.
Измамата ја откри ирската агенција за безбедност на храната, кога утврди дека речиси 40 проценти од говедските производи што се продавале во „Теско“, „Лидл“ и во други супермаркети биле со коњска ДНK.
Истрагата, почната по иницијатива на ирската агенција за безбедност на храната, утврдила дека во плескавиците што се продавале во Ирска и во Велика Британија како чисто говедско месо, имало и до 29 отсто коњско месо, а и остатоци од свинско месо.
Експертите предупредија дека коњското месо може да има потекло и од болни или повредени животни и дека не е безбедно за употреба, пренесува лондонски „Телеграф“.
– Ова месо претставува ризик за здравјето бидејќи не се знае од каде потекнува. Нема податоци за тоа како коњското место стигнало до хамбургерите, така што не можеме да кажеме дека е безбедно за употреба. Можеби е од болно животно – вели Џон Слејт, шеф на Здружението за еколошко здравје во Шкотска.
Британската агенција за храна повеќепати повтори дека ова место не претставува ризик за здравјето. Меѓутоа, бидејќи претрпе критики дека се однесувала невнимателно во оваа ситуација, агенцијата најави дека ќе нареди да се испитаат сите говедски производи што се продаваат во супермаркетите.
На продавачите и на набавувачите што се замешани во овој скандал им се заканува казна од 5.000 фунти, што предизвика големо незадоволство кај активистите за заштита на правата на потрошувачите. Според британскиот закон, тоа е максималната казна за „погрешно претставување на храната“.
Сличен е и законот во Ирска, каде што се наоѓаат седиштата на две компании кои се набавувачи на спорните хамбургери, компанијата АБП и „Лифти митс“. И двете ја префрлуваат одговорноста на набавувачите од континентална Европа.
Британскиот министер за храна Дејвив Хит вели дека владата секако сака да поднесе тужба против „Теско“, фирма која продавала говедски хамбургери со 29 отсто коњско месо, но адвокатите во Британија и во Ирска велат дека кривичното гонење е малку веројатно во овој случај.
Скандалот изби по истражувањето што го спроведе ирската агенција за безбедноста на храната. Таа откри дека во говедските производи кои се продаваа во „Теско“, „Лидл“, „Алдиј“ и во други синџири супермаркети има коњска ДНK. Kоњското место е пронајдено во 37 отсто од тестираните производи, а свинско во дури 85 отсто. Од 31 тестиран производ меѓу кои биле и пити со месо и лазањи, свинска ДНK е пронајдена во 21.
По ваквите вести цената на акциите на „Теско“ падна, со што се намали вредноста на компанијата за речиси 300 милиони фунти. Во хамбургерите, кои наводно се од чисто говедско месо и се продавале во овој синџир супермаркети, имало 29 отсто коњско месо. Во меѓувреме хамбургерите се повлечени од рафтовите.
Британската влада доживеа жестоки критики поради тоа што на нивните надлежни агенции им се протнала ваква измама за потрошувачите. Патрик Вол, поранешниот шеф на ирската агенција за храна која го почна истражувањето, вели дека за откривањето на скандалот е заслужна специјалната единица на агенцијата за спречување измами со храната. Нејзината задача е потрошувачите навистина да го добијат тоа што веруваат дека го купуваат.
Скандалот особено одекна меѓу еврејските и муслиманските верници, кои можеби несвесно јаделе свинско месо.
Остатоците од свинска ДНK инаку не ги збуниле инспекторите, бидејќи во истите фабрички погони во Ирска се обработуваат и други видови месо, но присуството на коњското месо секако ги збунило.
„Теско“ им се извини на купувачите со соопштение во кое се вели дека „присуството на недозволено месо во нивните производи е многу сериозна работа и дека потрошувачите имаат право да очекуваат дека тоа што го купуваат е произведено по највисоки стандарди“.
И германскиот синџир „Алди“ ги повлече спорните хамбургери кои се најдени само во нивните продавници во Ирска. Се проценува дека вкупно 10 милиони хамбургери ќе бидат повлечени од продавниците. Kорисните делови ќе се употребат во енергетскиот сектор, пишува лондонски „Гардијан“.
Извор: dnevnik.mk