Германски инвеститори се заинтересирани да градат винарница во Kавадарци – обелодени вчера кавадаречкиот градоначалник Александар Панов. Тој потенцираше дека уште една германска инвестиција доаѓа во Kавадарци, покрај „Дрекслер Мајер“ која ќе произведува кабли за „Мерцедес“.
– Се надевам дека по завршувањето на формалностите, овие денови и компанијата и ние како локална самоуправа ќе излеземе со информација дека во Kавадарци ќе никне нова винарница со капацитет од 5 до 7 милиони литри, колку што има винарницата „Стоби“ . Со еден таков производствен капацитет и плус уште еден сличен на него, а со род на лозјата каков што имаме годинава, мислам дека ќе се надмине долгогодишниот проблем кој го имаа лозарите со пласманот на грозјето и ќе нема криза. Сушата и мразот кои однесоа околу 30 проценти од родот придонесоа за една пазарна, а не договорена цена на грозјето, особено кај „смедеревката“. Тајната за депресивните цени за грозјето од претходните години лежи токму тука. Цената ќе оди нагоре ако има доволно винарници што ќе се натпреваруваат меѓу себе. Ако има поголема понуда од побарувачка, нормално е да има депресивни цени – нагласи градоначалникот. (С.Д.)
Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=E5079D0DA4D3BB4192D81A63A090EDB3
агри.мк Портал за промоција, развој и поттикнување на земјоделството во Македонија