Почетна / Здрава храна / Бунгур и тавче-гравче како специјалитети

Бунгур и тавче-гравче како специјалитети

Жителите на општина Чашка планираат да ги брендираат сите свои производи.

 

Во селото Оморани, општина Чашка, под прекрасните предели на планините Мукос и Бабуна, се одржа шестата манифестација Саем на здрава хранаа. Десетина домаќинки од селото, организирани од училиштето Петар Поп Арсовв од Богомила, ги подготвија традиционалните јадења од чистиот и незагаден регион на Азот. Тавче-гравче, зелник, пити, сирење, урда, мед, ореви, малини, лешници и што ли уште не беа презентирани на саемот, кој беше посетен од поголем број жители од Велес, Прилеп и селата од целиот регион на Азот.
– Кога пред шест години за прв пат ја организиравме оваа манифестација, целта ни беше да покажеме што се произведува во Азот. Сега кога саемот станува традиција, целта ни е полека но сигурно да ги враќаме и луѓето кои одамна ги напуштиле родните огништа. Да се присетат на старите јадења за да не ја заборават старата вековна традиција – рече Нина Маркова, директор на ОУ Петар Поп Арсовв.

Некогаш домаќинките изложените јадење ги подготвувале само за празници, а сега на посетителите им ги понудија како специјалитет. Заборавениот бунгур, покрај гравчето и повеќето видови зелник, беше најпримамлив за дегустаторите. Вредните домаќинки и овој пат како да сакаа на сите што дојдоа да им кажат дека во овој регион се произведува само здрава храна.
– Го подготвив нашето традиционално тавче-гравче. И зелник исукав. А тука се и медот и оревите. Се е чисто и еколошки здраво – рече баба Лилјана.

Здравата храна е богатство на регионот на Азот и на општина Чашка. Го има во изобилие, зашто се подготвува во чистата природа под Солунска Глава. Регионот на Азот е еден од водечките во Македонија, каде што производството на храна е сто проценти природно.
– Ќе направиме сите производи што ги имаме во општина Чашка да добијат свои брендови. Ретки се пределите, како нашиот Азот, во кои се произведува здрава храна – рече Горанчо Пановски, градоначалник на општина Чашка.

На тезгите на отворено на шестиот саем на здрава храна во селото Оморани жителите, покрај дегустацијата, за продажба на посетителите им понудија и сирење, урда, мед, ореви и повеќе видови планински чаеви. Сите оние што ги купија беа повеќе од задоволни.

Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=939A03ACEB5EB2439910D80B9DE61111

Check Also

Дуња – кралица на есенските овошја

Дуњата е овошје кое не случајно ја нарековме кралица на есенските овошја. Дуњите започнуваат да …