Министерот Најденов порачал дека двете земји мора да се здружат во битката против конкурентите Македонија и Турција, кои не се обврзани да ги почитуваат европските закони.
Бугарија и Грција мора да се здружат за да ја поразат конкуренцијата од Македонија и Турција во земјоделскиот сектор, порачал бугарскиот министер за земјоделство Мирослав Најденов. Образложението на Најденов за ваквиот предлог бил дека Македонија и Турција не се дел од Европската унија и не се обврзани да ги почитуваат европските закони, а имаат привилегии што не им се достапни на земјоделците од Унијата. Рецептот, според него, е обединување со Грција против конкурентните соседи.
– Ако ги здружиме силите, би можеле да се справиме со проблемот. Треба да бидеме конкурентни. Тоа воопшто не е лесно со оглед дека Бугарија и Романија с` уште не можат да ги добијат максималните субвенции. Грчките земјоделци, на пример, земаат трипати поголеми субвенции од бугарските – објаснувал Најденов во Солун.
Македонија, освен на средбата на министрите за земјоделство на Бугарија и на Грција, на изложбата во Солун, била тема и на разговорите меѓу шефовите на дипломатиите на Грција и на Франција, Димитрос Аврамопулос и Лоран Фабиус.
Една недела по посетата на Аврамопулос на Париз, грчките медиуми, повикувајќи се на дипломатски извори, пишуваат дека двајцата министри, сепак, не разговарале само за прашања од „симболичен интерес“, како што објавија тогаш, туку и за теми од суштинско значење.
Во контекст на проширувањето на ЕУ тие зборувале за грчко-турските односи, а и за Македонија и се согласиле дека ги поддржуваат кандидатите за членство ако ги исполнуваат сите критериуми што се неопходни за влез во ЕУ. Според грчките медиуми, нагласен бил „случајот со Скопје“ и пораката од декемврискиот Европски совет за решавање на прашањето за името.
А името повторно било во центарот на вниманието на настан одржан во Солун.
– Во никој случај не смее да се прифати име на Скопје кое во себе ќе го вклучува зборот Македонија – изјавил поранешниот грчки заменик-министер за труд Никос Николопулос.
Тој, како што јави МИА, го изјавил ова во својот говор на собир посветен на надворешната политика и националната одбрана што го организирала партијата Независни Грци во Солун.
Николопулос го почнал говорот со зборовите: „Овде, во Солун, каде што чука срцето и умот на Македонија“ и ја обвинил грчката влада дека нема никаква надворешна политика, ниту национална стратегија.
– Солун е главниот град на Македонија, а Грците што живеат во северниот дел на земјата се Македонци – изјавил тој.
Инаку, Николопулос лани во јули поднесе оставка од функцијата заменик-министер за труд по само неколку часа откако владата на Андонис Самарас доби поддршка во парламентот по изборите. Неколку месеци подоцна тој беше отстранет од парламентарната група на Нова демократија поради отвореното спротивставување на политиката на Самарас. Сега е во Христијанско-демократското движење, за кое вели дека ќе прерасне во политичка партија кога ќе дојде време.
(Ж.П.Б.)
Извор: dnevnik.mk