И за време на локалните избори ќе остане блокадата на патот Градско Прилеп кај Росоман а дел од гласачите нема да можат да стигнат до гласачките места, доколку не бидат исполнети нашите барања, се заканија денес револтираните лозари кои десетина дена протестираат блокирајќи ја оваа делница.
– На сите кандидати за градоначалници и советници во општинските совети им порачуваме дека лозарите ќе го дадат својот глас за оние кандидати во неколкуте општини во Тиквешијата кои ќе имаат најдобра програма која меѓу другото во локалниот економски развој ќе го стави и лозаровинарското прашање во регионот на грозјето и виното-рекоа револтираните лозари.
Лозарот Златко Стојчев од кавадаречкото село Сопот кој обработува 220 декари под лозје и важи за еден од лозарите кои имаат најмногу лозови насади, јавно побара на верскиот празник “Свети Трифун” кој е заштитник на лозарите да се одреди заштитна цена за килограм грозје.
Признавајќи дека недовербата и тензиите растат и дека се можни порадикални чекори, изразија незадоволство што денес не ги посетил претставник на винарската визба “Винеа” која им должела над 600 илјади евра. Тие очекувале негово присуство меѓу нив за да им објасни како ќе тече динамиката на исплатата на обврските кон нив, сега кога е поништена продажбата на винаријата.
– Кога сме кај динамиката на исплата, не сме задоволни од неа-нагласија лозаропроизводителите кои и денес протестираа додека колона возила чекаше да се тргне блокадата.
Производителите на грозје јавно се извинија на недолжните граѓани кои наидуваат на блокадата и чекаат да помине времето на протест. Блокадите продолжуваат.
Светлана Дарудова
Извор: dnevnik.mk