Почетна / Вести Македонија / Наливното вино отпатува во Европа

Наливното вино отпатува во Европа

Македонија се повеќе извезува вино на странските пазари. Тоа го потврдуваат и статистичките податоци кои кажуваат дека по 2011 година, која беше забележана како рекордна по пласманот на вино во последните 20 години, лани извозот на вино е зголемен за околу 18%, а остварениот девизен прилив е за 25% поголем во споредба со претходната година.

– Целата квота за извоз на наливно вино на земјите од Европската унија, заклучно со четврти февруари, веќе ја исполнивме. Значи, подобар индикатор за тоа дека веќе над 30 милиони литри вино се пласирани на пазарот од ЕУ, нема – рече министерот за земјоделство, Љупчо Димовски.
За производителите на вино, покрај високиот квалитет што македонското вино го има, многу значи и поддршката која тие ја добиваат од страна на Владата во делот на промоцијата надвор од нашите граници.
– Без добар маркетинг нема никогаш да добиеме повеќе отколку што имаме сега. Значи, во маркетингот, ако сакаме напред, треба сите сили да ги вклучиме – вели Вита Хузјан од Визба Валандово”.

Следната голема промоција на македонските вина ќе биде во Москва, на меѓународниот саем за пијалоци ПРОДЕКСПО”, кој започна вчера. За овој саем, кој важи за еден од најголемите во Руската Федерација, Министерството за земјоделство обезбеди штанд од 56 квадратни метри на кој ќе учествуваат шест македонски компании, меѓу кои и винаријата “Стоби”.
– На овој саем кој е всушност најголемиот руски саем за пијалаци, храна и сирови прехранбени производи ќе бидат застапени повеќе од 2.000 изложувачи од Русија, Централна и Југоисточна Европа – изјави Јадранка Клариќ Кимовска, комерцијален директор на винаријата “Стоби”.
Саемот “ПРОДЕКСО” во текот на петте саемски дена, од 11 до 15 февруари, во просек го посетуваат од 50 до 60 илјади посетители, од кои специјалисти за храна и пијалаци, производители, сопственици на синџир-маркети, дистрибутери и слично.

Винарија “Стоби” во годинешната програма има зацртано учество на повеќе саеми и бизнис егзибиции. Следно учество е на Белградскиот саем за туризам во склоп на кој е Белградскиот вински саем од 21 до 24 февруари.

(С.Бл.)


Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …