Почетна / Вести Свет / Аферата со афлатоксинот го урниса извозот на пченка

Аферата со афлатоксинот го урниса извозот на пченка

Србија оваа економска година извезе 500.000 тони пченка, а претходните години биле извезувани по 2,5 милиона тони.

Извозот на пченка во оваа економска година која завршува на 30 септември ќе изнесува околу 500.000 тони што е шест пати помалку отколку претходните години, изјавил директорот на здружението „Жита на Србија“, Вукосав Саковиќ, пренесуваат српските медиуми. Тој изјавил дека извозните резултати кај пченката не се така добри поради познатите проблеми со афлатоксинот и помалиот род претходната година.

– Извозот на оваа житна култура од октомври лани се задржал на ниво од 450.000 тони и нема да има позначајна промена ни до крајот на септември, изјавил Саковиќ.

Тој нагласил дека во претходните три години имало одлични резултати во извозот на пченка и со тоа Србија успеала да се позиционира како шести извозник на пченка во светот што, како што рекол тој, „за вака јадна и мала земја не е воопшто лесно да се направи“.

-Извезувавме приближно 2,5 милиона тони пченка годишно, па кога ќе погледнеме колкава е разликата, можеме да видиме дека извозот годинава е петпати помал, констатирал Саковиќ.Од друга страна, тој рекол дека производителите ги радува што пченката добро изгледа на полињата и оттаму се смета дека идната производна година земјата ќе се врати на светскиот пазар со количини од преку два милиона тони.

За разлика од пченката, извозните резултати кај пченицата биле изненадувачки добри во неодамна завршената економска година и на странските пазари биле пласирани 630.000 тони пченица и брашно.

Од Србија од почетокот на јули лани до крајот на јуни годинава биле извезени 500.000 тони пченица и 130.000 тони брашно, прецизира Саковиќ.

Тој потсети дека претходната економска година биле извезени 600.000 тони и тоа околу 360.000 тони пченица и околу 130.000 тони брашно.

Тоа што не може да ги израдува производителите е што на светските пазари цената на пченката и на пченицата се во „стравотен пад“.

– За пченката која ја продаваме од новиот род не можеме да постигнеме повеќе од 120 до 125 евра за тон стока натоварена во пловила, што значи дека производителите може да очекуваат, ако состојбата не се смени на подобро, околу 115 до 120 евра за себе, рече Саковиќ.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Маслиновото масло ќе поскапи за 30-40 отсто

Екстремна суша со месеци ја погодува Шпанија, додека на италијанските плантажи со маслинки се појавија …