Министерството за земјоделство објавува јавен оглас за спроведување на Заедничката основна програма за одгледување добиток – ЗОПОД.
На огласот се бара фирма во која треба да има вработено најмалку пет лица доктори на науки по биотехнологија, добиточно производство и пчеларство и да има вработено најмалку пет лица дипломирани инженери од анимална биотехнологија, односно сточарство. Целта на огласот е да се воспостави матично книговодство, утврдување на генетскиот квалитет на стоката и да се утврди приносот во сточарството.
– Фирмата треба да има искуство за спроведување на матичното книговодство, утврдување на генетскиот квалитет и приносот во сточарството – велат во ресорното министерство. Од таму објаснуваат дека јавната услуга опфаќа активности во сите сегменти на сточарството. Во делот на говедарството треба да се воспостави и да се одржува матично книговодство, односно да се впишат признати организации на одгледувачи на говеда, да се води евиденција за испитувања извршени за утврдување на генетскиот квалитет или принос во говедарството. Во исто време треба да се води контрола на млечност, на квалитетот на млеко, на репродуктивните особини, но и на надворешните особини на самите животни. Во делот на овчарството исто така треба да се впишат сите производители на овци да се води сметка за видот и за приносот на млеко и на месо на секое стадо, но и да се запишува квалитетот на млекото. Истото се бара и за козарското производство. Што се однесува до свињарството, тука ќе мора да се запишуваат и да се контролираат педигре-базите, да има контрола и следење на репродуктивните особини според одгледувачки цели и слично. Kај пчеларството ќе се следи и ќе се запишува генетскиот квалитет, а ќе се контролираат развојот, динамиката и јачината на пчелното семејство со број на ќелии со легло и со број на пчели-работнички. Исто така, ќе се контролираат и хигиенското однесување и потрошувачка на храна во зимскиот период. Фирмата треба да има теренска опрема, лабораториска опрема за хемиска анализа на млеко, лабораторија за утврдување на генетски квалитет и лабораторија за принос во сточарството.
Извор: дневник.мк