Почетна / Цвеќарство / Орхидеа- одгледување

Орхидеа- одгледување

Орхидеите од секогаш ги фасцинирале луѓето. Со векови тие се симбол на љубовта, раскошот и убавината. На почетокот на 18ти век заради атрактивниот изглед и опојниот мирис се појавиле многу колекционери од сите делови на светот. Денес одгледувањето орхидеи е широко распространето и е едно од најпопуларните растително “хоби”.

Сл.1 Phalaenopsis

Одгледувањето на орхидеите не претставува голем проблем. Може да се одгледува на отворено и како собно цвеќе. Како и многу други растенија, тие имаат одредени услови за одгледување, но генерално се многу издржливи и еластични. Повеќето видови може да растат во простории со слаба осветленост, а некои видови се отпорни и на слаби мразеви.

Сл.2Miltonia

Најдобро успеваат во стакленици, но успешно се одгледуваат и во домовите на прозори кои се наоѓаат на источна или западна страна. Минијатурните видови може да се одгледуваат и во садови слични на аквариуми, каде што се одржува висока влажност на воздухот. Воздушните корени не треба да се отстрануваат и потребно е да се попрскуваат повремено со млака вода. Просторијата во која се наоѓаат орхидеите треба често да се проветрува бидејќи им одговара свеж воздух.

Сл.3 Cymbidium

Орхидеите бараат висока влажност на воздухот и умерена температура. На хибридите им одговара температура до 35°C и ноќна која не се спушта под 25°C. Орхидеите кои се одгледуваат кај нас добро поднесуваат собна температура, но не превисока затоа не треба да ги ставате во близина на радијатори или други извори на топлина. На растенијата потребно им е оросување, најдобро во утринските часови. Влажноста на воздухот ќе се зголеми ако во нивна близина  се стави чаша со вода. Треба да се чуваат на место кое нема директна светлина и провев.

Сл.4 Paphiopedilum

Се размножуваат со семе и со делба на корените. Треба да се пресадува еднаш годишно и тие претпочитаат мали саксии. При пресадувањето мора да се користи специјален супстрат за орхидеи. Покрај супстратот постои и специјално минерално ѓубриво за прихрана на орхидеи. Во зимскиот период  треба да се полива еднаш неделно, во летниот период почесто. Кога листовите потполно ќе се развијат, растението е во фаза на мирување која трае околу 2 месеци и тогаш треба да се намали со поливање. За поливање не треба да се користи вода од чешма бидејќи има големо количество на хлор кој е штетен за орхидеата. Најдобро е да се користи дождовница или доколку немате можност може да се користи стоена вода од чешма на собна температура.

 Автор: www.agri.mk

Check Also

Аспидистра (lat.Aspidistra elatior)

  Ова растение со темнозелени листови може да поднесе речиси сè. Трпи сенка, чад, а …