Почетна / Сточарство / Свинското месо ќе испости поради добиточната храна

Свинското месо ќе испости поради добиточната храна

Според одгледувачите на добиток свинското месо до Нова година треба да биде над 400 денари, а јунешкото ќе се продава по 500 денари за килограм

 

Годинава наместо со свинско месо, гурманите ќе мора да си ги задоволат апетитите со прасешко. Високите цени на добиточната храна драстично го намалија производството на свинско месо и наместо кон товење свињи, одгледувачите се ориентираа кон одгледување прасиња. Според нив, со овие цени на храната, свинското месо до Нова година треба да биде над 400 денари, а јунешкото ќе се продава по 500 денари за килограм. Производителите на добиточна храна во земјава велат дека смесите што ги користат за концентратите се поскапи за 30-40 отсто. Но во одгледувањето свињи има и други трошоци кои дополнително го оптоваруваат производството.

– Произведуваме околу 20.000 тони добиточна храна за сите домашни животни. Точно е дека годинава производството на свежо свинско месо е поскапо, бидејќи освен храната, поскапеа струјата и горивата. Сојата, која е основен елемент во концентратите, е поскапа за 100 отсто, пченката за 50, а високи се и цените на житните трици, кои секојдневно се менуваат на светските берзи – вели Васил Зајков, директор на „Агрипро“, која покрај живинарската фарма има и производство на добиточна храна. Според него, во земјава е неисплатливо да се произведува добиточна храна.

– Ние имаме една жетва, голем дел од полињата не се под вода и мора да се наводнуваат, а тоа дополнително ја зголемува цената на добиточната храна. И родот е просечен, па поевтино е да се увезе отколку да се произведе – вели Зајков.

Во фармите гарантираат дека во државава нема да има недостиг од свежо месо, но не гарантираат дека цените нема секој месец да бидат с` повисоки. Според нив, ова што се случува кај нас не е ништо ново и се случува секаде во светот.

– Цената на месото на светскиот пазар е зголемена за 25 проценти како резултат на недостиг од месо поради високата цена на добиточната храна предизвикана од сушата. Домашното производство на живи грла добиток не може да ги покрие производствените капацитети на преработувачите на месо. Тоа е позната состојба со години. Скапата добиточна храна и тука има клучно влијание, па најголемиот дел од капацитетите користат увозно месо за производство на преработки од месо – велат во сточарските фарми.

Производителите најавуваат и зголемување на цените на месните преработки, но с` уште не кажуваат кога, оти си уште работат со резервите на суровини. Според нив, зголемувањето на цените на преработките процентуално ќе биде многу повисоко отколку на свежото месо. Се предвидува дека ќе биде за 20-30 проценти, оти и суровината што се користи за нивно производство, увозно месо, има зголемена цена на светскиот пазар.

Сточарите со своја приказна. За нив е нелогично и невозможно да опстанат со овие цени на добиточната храна кога и големите фарми едвај кубурат.

– Веќе дваесет години имам приватна фарма за свињи. Од пред две години почнав мало производство на телиња за тов. Едвај ги продавав и со ланските цени, а годинава, кога храната за нив е за речиси 80 отсто поскапа, не знам кој ќе купи свинско месо. Имам прасиња, кои треба да бидат за колење околу Божик и мислам дека тие ќе ми бидат единствениот ќар – вели Благојче Стојановски од Kумановско.

Националното здружение на одгледувачи на свињи во Обединетото кралство смета дека светскиот недостиг од свинско и свински производи, како сланината, е неизбежен следната година.

Според извештајот на „Фајненшел тајмс“ за недостигот од храна, која влијае врз намалувањето на одгледувањето на свињите, виновни се сушите во САД и во Русија, кои предизвикаа слаб род, а со самото тоа и висока цена на посевите потребни за исхрана на свињите.

Валентина Ангеловска

Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=9D9AC2B83611D04FAAFBC6E51215ADE1

Check Also

БиМилк ги отвора вратите за посетители

Најголемата домашна млекарска индустрија БиМилк утре од 11 до 13 часот ќе ги отвори вратите …