На веб-страницата на Министерството за земјоделство на Србија е објавена одлука според која дозволеното ниво на афлатоксин во млекото се зголемува од 0,05 на 0,25 микрограми по килограм.
Ова е наведено во Правилникот за измена на Правилникот за максимално дозволена количина на остатоци од средства за заштита на растенијата во храната и храната за животни.
Оваа одлука важи од 15 јули до 31 декември годинава, додека пред само 15 дена стапи на сила претходно донесената одлука од истиот правилник којашто предвидуваше дозволеното ниво на афлатоксин од 0,5 микрограми да се врати на 0,05 микрограми, како што е во останатите земји во регионот и што е според европските стандарди.
Како што пренесуваат српските медиуми, работната група составена од претставници на Министерството за земјоделство, Министерството за здравство во согласност со Институтот за јавно здравје во Србија донесена е одлуката да им се дозволи на производителите на млеко до крајот на годината постепено да го намалуваат нивото на афлатоксин во млекото, кое сега не смее да биде над 0,25 микрограми. Основна причина за донесување на ваквата одлука се поплавите коишто уништија одредени подрачја за сточарите и производителите на млеко и ако работат по стандардите на Европската унија за нив во овој момент би било погубно.
За потсетување, нивото на афлатоксин во млекото во Србија досега неколку пати е променето, а најголемо влијание предизвика одлуката на српската Влада минатата година кога беше кризата со афлатоксинот во регионот кога нивото беше зголемено на 0,5 микрограми за килограм. Во Македонија дозволеното ниво на афлатоксин во млекото е 0,05 микрограми по литар.
Извор: vecer.com.mk