Почетна / Вести Македонија / Тутунарите и полјоделците најмногу бараат субвенции

Тутунарите и полјоделците најмногу бараат субвенции

Најголем дел од барањата за субвенции коишто се доставени во Платежната агенција се за полјоделски култури, или вкупно 34.621 земјоделец. Втори на листата се тутунарите или вкупно 30.298 земјоделци.

Тутунарите и земјоделците кои одгледуваат полјоделски култури се најголеми баратели на субвенции. Над 90% од барањата за субвенции се од овие култури. Според податоците на Платежната агенција, за годинава 73.963 земјоделци имаат поднесено барања за субвенции, а 64.922 се само тутунари и полјоделци.
-Најголем дел од барањата за субвенции коишто се доставени во Платежната агенција се за полјоделски култури, или вкупно 34.621 земјоделец. Втори на листата се тутунарите или вкупно 30.298 земјоделци – вели Тони Димовски, директор на Платежната агенција.
Со оглед на тоа што годинава за субвенции се наменети 140 милиони евра, државната директна поддршка е повеќе од добредојдена за земјоделците.

Според годишната програма за субвенционирање, најголем дел, односно 115 милиони евра ќе бидат распределени како директни плаќања за поддршка на приходот на македонските земјоделски стопанства, и тоа 60% насочени кон конкурентните и извозно ориентирани земјоделски производи како што се производството на тутун, зеленчук, овошје, овчарството и козарството, производството на грозје и вино, оризот, органското производство, пчеларството и за воведување на стандарди на квалитет.

Остатокот од директните плаќања ќе биде наменет за поддршка на производството на помалку конкурентните, но значајни основните прехранбени производи за населението како што се житните култури, кравјото млеко и поголемиот број индустриски производи, кои без државна поддршка значително би го намалиле обемот на нивното производство.

Според годишната програма за субвенционирање, за субвенции за растително производство се наменети 1,5 милиони евра, а за субвенции за сточарското производство се наменети 32,6 милиони евра. За мерки за дополнителна поддршка во земјоделството како што се премии за осигурување, заштита на земјоделско земјиште и пренесени обврски, како и помош во сточарството од годишната програма за директни плаќања во земјоделството се насочени над 100 милиони евра.

Полјоделците кои одгледуваат житни и индустриски култури ќе добијат по 9.000 денари по хектар, а за поголеми површини субвенциите процентуално ќе се намалуваат.
Дополнителни 1.000 денари ќе се добиваат и за производството на добиточна храна, потоа по 3.000 за сончоглед, ориз и за употреба на сертифициран семенски материјал.
За доматот и краставиците субвенциите се 30.000 денари, а за другите видови зеленчук, 25.000 денари по хектар. За лубениците и дињите поддршката е 6.000 денари.

Во наредните 4 години само за субвенции за земјоделците и за рурален развој ќе бидат издвоени 600 милиони евра, по 150 милиони евра годишно, а тоа е историски рекорд досега. Како резултат на зголемувањето на субвенциите, годинава се очекува рекорден извоз на храна.

2007 – 21 милион евра
2008 – 45 милиони евра
2009 – 70 милиони евра
2010 – 100 милиони евра
2011 – 110 милиони евра,
2012 – 130 милиони евра
2013 – 135 милиони евра
2014 – 140 милиони евра

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …