Почетна / Вести Свет / Србија го враќа нивото на афлатоксин во млекото на 0,05%

Србија го враќа нивото на афлатоксин во млекото на 0,05%

Србија до крајот на годината ќе го намали дозволеното ниво на афлатоксин во млекото и сточната храна од 0,5% на 0,05%, за да ги усогласи прописите со европските стандарди, изјави српскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Драган Гламочиќ.

Откако на почетокот на годината, како резултат на откриеното зголемено присуство на оваа штетна материја во сточната храна и во млечните производи, српската Влада донесе одлука да го подигне нивото, после девет месеци од аферата правилникот се усогласува со правилата на Европската унија.
– Имаме убава вест, а тоа е дека во нашите поеви оваа година нема афлатоксин, така што за многу брзо време ќе го промениме правилникот за сточна храна, а на почетокот на следната година и правилникот за квалитетот на млекото – изјави српскиот министер по средбата со европските парламентарци во Брисел неделава.

Гламочиќ ги информирал европските парламентарци дека ќе го вратат дозволеното ниво, а тие биле задоволни од ваквата одлука на Србија. Тој укажал дека претходно било проблем тоа што бил променет правилникот за дозволено ниво на афлатоксин во млекото, додека правилникот за сточната храна останал ист, а тоа довело до конфузија.

Србија на почетокот на годината, откако во млекото беше откриено поголемо количество на афлатоксин во млекото, како резултат на поголемата содржина на оваа штетна материја во сточната храна донесе одлука да го подигне дозволеното ниво на афлатоксин во млекото од 0,05 на 0,5%, што е за 10 пати повеќе од дозволеното ниво во рамки на ЕУ. Тогаш Министерството за земјоделство на Србија тврдеше дека подигнатите критериуми нема да го загрозат здравјето на луѓето.

Аферата со афлатоксин во млекото на почетокот на годината која потекна од Србија го загрози целиот регион. Најголема штета од аферата имаа млекарниците што мораа да уништат голем дел од производите каде што беше откриено поголемо количество на оваа супстанца. Во Македонија од продажба беа повлечени млеко и млечни производи увезени од српскиот и хрватскиот пазар, додека кај домашните млекарници не беше откриено присуство на афлатоксин.

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Маслиновото масло ќе поскапи за 30-40 отсто

Екстремна суша со месеци ја погодува Шпанија, додека на италијанските плантажи со маслинки се појавија …