Почетна / Вести Македонија / „Гоце“, „егеј“ и „александар“ даваат повкусен леб

„Гоце“, „егеј“ и „александар“ даваат повкусен леб

„Гоце“, „егеј“, „александар“ и „оровчанка“, „олга“, „бистра“ или „миленка“. Не станува збор за стари македонски имиња од народните приказни, туку за најпознатите домашни сорти на пченица и јачмен кои ги има во Националната сортна листа на државава.

 

Таа е устав кога станува збор за подигање нови површини со житни растенија, градинарски култури, но и овошни и лозови насади. Ниту една семка пченица, јачмен и пченка не смее да се засади ако сортата не запишана. Истото важи и за овошните садници, градинарските култури, грозјето и фуражните растенија кои се користат за сточна храна. Листата постојано се обновува и се надополнува, а Управата за семе и саден материјал е должна двапати годишно да

ја објавува во „Службен весник“. Последната е објавена само пред неколку дена и збогатена е со нови садници и семиња.

Исклучок во садењето се прави само ако фармерот сака да посади растение кое го нема во нашата национална листа, а го има регистрирано во Европската Унија. Тие семиња и садни материјали се во посебен документ, кој е во состав на листата. Тогаш семето или садницата може да се увезе со посебна дозвола.

– Управата за семе и саден материјал е орган во состав на Министерство за земјоделство. Формирана е во 2001 година и нејзина основна цел е контрола на производство, увоз-извоз и трговија на семенски и саден материјал за земјоделски растенија, развој на земјоделското производство, заштита на животната средина и природата, како и заштита на потрошувачите – велат во Министерството за земјоделство.

Управата за семе е одговорна за признавање, одобрување и заштита на сорти, за контрола и постконтрола на семенски посеви и насади, а во нејзин состав е и одделение за генетска банка „Ген-банка“, која е надлежна за чување и за одржување автохтони видови, дефинитивни примероци од признаени и запишани домашни и странски сорти.

Ако една сорта влезе во листата, таа останува таму десет календарски години од денот на запишување, а кај овошките и виновите лози времетрањето на дозволата е 25 години. Во меѓувреме се контролира одржувањето на сортата, а две години пред истекот на дозволата, ако е с` во ред со примероците од одредена сорта се донесува ново решение за повторно запишување во националната листа.

– Семето и садниот материјал постојано се подложни на фалсификување и шверц. Секојдневни се примерите кога запленуваме ваков семенски и саден материјал. Се продава една сорта, а всушност не е таа. Заплените се уништуваат, а против сторителите се поднесуваат прекршочни пријави – вели Румен Стаменов, директор на земјоделскиот инспекторат.

За една сорта да добие дозвола да се запише во националната листа, мора да се прават долгогодишни испитувања на терен од овластени прави лица. Истите се запишуваат и се документираат секоја година.

Земјоделците велат дека до пред десетина години додека не беше донесена националната листа, најчесто се садеа сорти што се веќе познати и даваат род на нашите ниви. Сега видиците им се проширени и секоја година се сее нова сорта семе на нашите ниви.

– Сертифицираниот саден материјал е општо прифатен кај сите фармери. Докажаните сорти како „оровчанка“ станаа синоним за добро производство на пченица. Ако се одгледува правилно и се употребат сите агротехнички мерки, успехот е загарантиран – велат во Сојузот на земјоделците на Македонија.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …