Од вкупно достапните 10,7 милиони евра од евтината кредитна линија за агробизнисот досега се повлечени 7 милиони евра од 26 компании. Најголем интерес има во индустријата за преработка на овошје и зеленчук за која се одобрени 8 кредити за преработувачки капацитети. За откуп на житни култури се одобрени 7 кредити, а 4 кредити се одобрени на винарски визби за откуп на грозје.
Две третини од поволната кредитна линија за поддршка на агробизнисот која се реализира преку Државната развојна банка се веќе искористени. Од вкупно 10,7 милиони евра коишто минатата година Владата ги обезбеди пред се за откупувачите и преработувачките капацитети во моментов се повлечени околу 7 милиони евра, а во наредниот период се очекува да бидат повлечени уште околу 1 милион евра.
Од Македонската банка за поддршка на развојот велат дека досега се одобрени вкупно 26 кредити – најголем дел од преработувачите на овошје и зеленчук. Од таму велат дека поволните услови коишто ги нуди оваа кредитна линија им се од голема помош пред се на откупувачите коишто за време на откупната сезона имаат потреба од финансиски средства.
– Досега се одобрени кредити во вредност од 7 милиони евра, за 26 компании. Најголем интерес има во индустријата за преработка на овошје и зеленчук за која се одобрени 8 кредити за преработувачки капацитети. За откуп на житни култури се одобрени 7 кредити, а 4 кредити се одобрени на винарски визби за откуп на грозје – вели Александар Станојковски, директор на секторот за кредитирање во МБПР. Според податоците 3 кредити се одобрени на претпријатија од во делот на сточарството, два кредити за преработувачи на месо и млеко и по еден кредит за рибарство и за откуп на индустриски култури.
– Во фаза на обработка се три кредитни барања во вредност од околу 1 милион евра коишто очекуваме да бидат одобрени наредната недела – вели Станојковски. Во согласност со тоа ќе бидат искористени над околу 8 милиони евра од поволната кредитна линија.
Кредитната линија којашто се реализира директно преку МБПР, освен за откуп и извоз на земјоделски производи, може да се користи и за примарното земјоделско производство, односно за набавка на основни и обртни средства за растително и сточарско производство, како и за нова погонска приклучна механизација.
Од Државната развојна банка велат дека од кредитната линија за мали и средни претпријатија досега се искористени 80 милиони евра, односно 80% од достапните 100 милиони евра. Според најавата, пак, на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски, четвртата кредитна линија од ЕИБ од вкупно 100 милиони евра компаниите можат да ја очекуваат од следниот месец.
– Договорена е четврта кредитна линија, а парите од ЕИБ треба да легнат на сметката на Македонската банка за поддршка на развојот во ноември и веднаш да станат оперативни за фирмите. Верувам дека кредитот ќе биде одобрен по што следи донесувањето на законот и потоа тие средства ќе станат ефективни односно ќе можат да ги користат нашите компании. Верувам дека некаде до крајот на ноември ќе бидат на располагање на македонските компании – изјави Ставрески.
Тој ги повика сите мали и средни претпријатија да ги искористат овие средства, бидејќи, како што кажа, се со каматна ставка што е субвенционирана од Буџетот.
– Каматата е 5,5% за крајните корисници. Таа е најдобрата камата што во моментов може да се најде на домашниот пазар – рече Ставрески.
Досега од ЕИБ се искористени 250 милиони евра со кои се поддржани близу 800 компании и отворени се над 3.500 работни места. Од последната транша од 100 милиони евра останати се да се доискористат уште 20 милиони.
Извор: vecer.com.mk