Македонските власти с` уште испитуваат дали има опасни пестициди во краставиците увезени од Албанија, а Црна Гора вчера го блокира нивниот увоз откако во нив пронајдоа активна материја спироксамин во количини поголеми од дозволеното.
Инаку, во земјава во октомври биле увезени околу 35 тони краставици од Албанија. Kако што дознаваме, веќе се земени мостри и однесени во Институтот за јавно здравје, но с` уште нема резултати бидејќи тамошната лабораторија нема акредитирана методата за испитување на овој пестицид. Сега се бара лабораторија што ја има методата за да се види дали краставиците што ги има на македонскиот пазар се безбедни за јадење.
Во Институтот за јавно здравје вчера потврдија дека кај нив се донесени мостри од последната од четирите пратки увезени во земјава.
– Не знаеме дали ја има супстанцијата спироксамин бидејќи кај нас нема метода за испитување на овој фунгицид. Ќе се бара референтна лабораторија со акредитирана метода, но кога ќе има резултати дали краставиците се безбедни за јадење, не знаеме – велат во Институтот за јавно здравје.
Црногорските медиуми јавија дека е блокиран увозот на земјоделски производи од Албанија поради присуството на голема количина пестициди. Албанските краставици, кои веќе биле пристигнати на црногорскиот пазар, биле запленети и ќе се уништат. Албанските медиуми јавуваат дека заплената следувала откако во килограм краставици била откриена активна материја наречена спироксамин, во количина од 0,094 милиграми во килограм, што е многу над границата одредена од легислативата на Европската Унија. По веста, албанското министерство за земјоделство смирувало дека нема место за паника и оти процентот на активната материја спироксамин не бил загрижувачки.
Според експертите, откриеното количество на спироксамин во албанскиот зеленчук е повеќе од загрижувачко. Станува збор за препарат што е во групата на фунгициди што се користат за сузбивање габични инфекции кај растенијата. Се користи за сузбивање пепелница, ’рѓа на пченицата и на јечменот, но и кај виновата лоза. Има широк спектар на дејство, а каренцата, односно денот по кој не смее да се користи растението откако е третирано е повеќе од 40 дена. Зошто средството е користено кај краставицата не се знае. Во текот на една вегетација на растението може да се користи максимум двапати.
Валентина Ангеловска
Вера Тодоровска
Македонија преплавена со евтин албански зеленчук
Албански земјоделски производи масовно се продаваат и во Македонија, особено во пограничните градови. Таков е случајот и во Дебар, каде што во трговските дуќани и на пазарот дебарски прекупци продаваат албански зеленчук, особено краставици и домати, кои ги служат и во угостителските објекти, поради пониската набавна цена.
Извор: dnevnik.mk