Почетна / Вести Свет / Мафијата за фалс храна помоќна и од наркобизнисот

Мафијата за фалс храна помоќна и од наркобизнисот

Аферата е вредна милијарди евра, а во земјите од ЕУ постојат 3.600 групи во кои се ангажирани илјадници лица што се вклучени во перењето пари преку овој нелегален бизнис со храната.

Пандорината кутија е отворена бидејќи Европа, но и светот, го тресе криза со фалсификувана храна. Аферата е вредна милијарди евра, а за само месец дена се обелоденија бројни фалсификати со храна како што се аферите за коњско, говедско и кучешко месо. На листата се најде и спорниот квалитет на рибата, а истовремено на Балканот се јави млечната криза кога во оваа кравја течност се откри присуството на токсични афлатоксини.

Експертите велат дека во услови на економската криза во пораст се нелегалните бизниси. Високо на топ-листата на мафијашките активности се најде и фаслификувањето на храната, покрај продажбата на оружје, раст на проституцијата, трговија со луѓе. Како што проценува Европол во земјите од ЕУ постојат 3.600 групи во кој се ангажирани илјадници лица што се вклучени во перењето пари преку овој нелегален бизнис со храната.

Експертите сметаат дека околу 7% од стоките во промет се фалс, а според истражувањето на хамбуршката Еурофинс лабораторија секоја трета риба што се продава на европскиот пазар не е соодветна на декларацијата, бидејќи евтината риба се продава како скапа. Секојдневно расте бројот на купувачите кои се насамарени, оти тие плаќаат за одреден производ, а добиваат лажен, како што е последниот случај кога наместо говедско се продаваше коњско или кучешко.
Се повеќе расте бројот на фалсификува храна како што е конзервираното овошје и зеленчук, млекото во прав, путерот, кафето, медот, алкохолот, кондиторските производи, виното, маслиновото масло, зачините, чајот… Искуството покажува дека мафијашките тимови се така добро уиграни, што на нивниот пат тешко дека можат да им застанат дури и искусните инспектори.
Американската организација на потрошувачи информира дека само за последниве 2 години во светот за 60% е зголемен растот на фалсификуваната храна. Досега според нив се фалсификувани 1.300 видови на производи, а за овие две години уште нови 800 видови.
-Маслиновото масло се разредува со обичен сончогледов, во чаевите се ставаат обични нелековити тревки, а зачините се бојат со прехранбени бои – велат од американската организација и додаваат дека 3/4 од медот што се продава во светот е лажен. Според нив кога се прават анализи по редовен пат околу 35% од храната не одговара според декларацијата. На оваа спорна листа се најдоа овошните сокови, винскиот оцет, замрзнатите десерти.

Според истражувањето на британскиот Институт за машинско инженерство, половина од храната што се произведува се уништува, односно се работи за две милијарди тони храна годишно. Истражувањето, исто така, покажува дека повеќе од 550 милијарди кубни метри вода годишно се трошат за одгледување на култури што никогаш не биле изедени.

На расипништвото му нема крај. Во Германија годишно се фрлаат 11 милиони тони храна, дел од неа уште употреблива. Наспроти тоа постојат луѓе кои ноќе одат во потрага по храна и претураат по контејнерите за отпад.

И Македонија не е исклучок од овие негативни движења, но храната е под будното око на Агенцијата за храна и ветеринарство. Од таму велат дека секако ваква храна може да се најде и во земјава, но сепак се работи за многу мали количини.

Раководителот во Агенцијата за храна д-р Катица Стојанова, во Струмица на трибина наменета за безбедна храна деновиве информираше дека македонските инспектори ги преземаат сите мерки за контрола на квалитетот на храната.

-Досега се направени над 32.000 контроли на продукти од неживотинско и животинско потекло при што се изречени и прекршочни пријави. Сепак состојбата со безбедноста на храната и примената на системите за безбедно производство и услуги е на потребното ниво – посочи Стојанова.

Дел од контролите е и медот. На почетокот од годинава инспекторите открија фалс мед во кичевскиот регион во 240 тегли кои беа продавани на патот Кичево-Охрид.
Според претседателот на ОПМ Марјана Лончар-Велкова, ако нашето здравје зависи од храната сосема е разбирливо да има поголема грижа за храната којашто секојдневно ја консумираме, таа пред се да биде безбедна и здрава.
– За среќа, помали се поплаките на квалитетот на прехранбените производи зашто најчесто неквалитетните се рекламираат и се враќаат кај трговците – појасни Лончар-Велкова.
Од Организацијата на потрошувачите на Македонија потсетуваат за случај кога на пазарот се продаваше фалсификувана жолта ракија.

Во говедска ХАЛАЛ салама откриено свинско месо!
Шведската агенција за храна пак откри дека имало свинско месо во говедската салама која била по потекло од Словенија и се продавала по ХАЛАЛ-стандард. Производите веднаш биле повлечени од маркетите.
Холандските власти деновиве пак повлекле околу 50.000 тони месо, кое се продава како говедско во Европа, но постои сомнеж дека содржи коњско месо, бидејќи не може да се утврди неговото точно потекло. Холандската агенција за безбедност на храната информира дека околу 370 компании во Европа и над 130 во Холандија се погодени од оваа афера.

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Маслиновото масло ќе поскапи за 30-40 отсто

Екстремна суша со месеци ја погодува Шпанија, додека на италијанските плантажи со маслинки се појавија …