Во последните три години светската цена на кафето драстично паѓаше. Но, во Бразил владее суша, што придонесе неговата цена нагло да почне да расте. Експертите предупредуваат дека времето на евтино кафе е далеку зад нас.
Од врвот на шпекулациите пред светската криза, цената на зрно од овој омилен пијалок на светскиот пазар познаваше само една насока – надоле. Во споредба со цената во април 2011 година, на крајот на ноември минатата година цената на кафето беше само една третина од она што се плаќаше пред две години.
Но, како што пренесуваат светските медиуми, од тогаш многу работи се променија. Цената на кафето во последната година почна нагло да расте. Во Бразил една од најзначајните земји за производство на кафе во светот, посебно за најквалитетната сорта арабика родот е се помал, како резултат на сушата која настана во оваа земја.
Посебно е погодена покраината која и на нас поради тоа кафе ни звучи познато-Минас Гериас, како и североистокот на Сао Паоло. Сушата е до тој степен што и Светското здружение на производители на кафе ИЦО за следната жетва 2014-2015 година очекува околу два милиони вреќи кафе помалку на светскиот пазар, што значи и намалување на понудата прв пат по пет години.
Накан Херцковиц, претседател на здружението на бразилски производители на кафе објаснува дека цената оваа зима пораснала од 100 евра на 160 евра по вреќа. Покрај сушата, тој вели дека и големите трговци сфатиле дека кафето веќе никогаш нема да биде така евтино како на крајот на минатата година и дека сега им е време да купуваат. Сето ова придонесе до драстичен раст на цената на кафето.
Така спред официјалните статистики, Бразил на пазарот годинава ќе понуди само 32 милиони вреќи кафе од сортата арабика, а минатата година беа 38 милиони вреќи. Единствено во моментов расте понудата на помалку квалитетна сорта на кафе робуста, од која годинава на пазарот ќе бидат понудени 12,3 милиони вреќи.
Но, освен во Бразил и во другите земји кои се големи производители на кафе се очекува лоша берба оваа година. Индонезија веќе најави дека и таму годинешниот род ќе биде послаб, а и Виетнам исто како и Бразил има многу подрачја кои се силно погодени од сушата. Колумбија и другите земји од централна Америка не можат краткорочно да понудат поголеми количини, пред се бидејќи ова подрачје пак се бори со штетници кои уништуваат цели плантажи. А за нови стебла да дадат квалитетен род потребни се најмалку три години.
Од друга страна пак додека цената на суровината драстично расте има само мал број на производители на конечни производи од кафе во Европа кои засега најавуваат сериозно поскапување. Многу големи трговци имаат купено големи залихи, а и во Бразил во складиштата има големи количини на кафе кои произведувачите не сакаа да го продадат евтино.
Извор: vecer.com.mk