Познатото истарско вино „прошек“ од 1 јули нема да може да се продава под ова име бидејќи Италијанците веќе го имаат заштитено.
На помалку од два месеца пред да влезе во Европската Унија, Хрватска се соочува со нови горчливи проблеми. Познатото истарско вино „прошек“ од 1 јули нема да може да се продава под тоа име ниту во Европа ниту во Хрватска.
Европскиот суд одлучи дека името е слично со италијанското вино „просеко“, кое Италијанците веќе го имаат заштитено. Меѓутоа, истарските винари велат дека тоа се различни сорти бидејќи „прошекот“ е посладок, а италијанското „просеко“ е попенливо. Меѓу многубројните откажувања што Хрватска мораше да ги направи за влез во ЕУ, одземањето на името на виното, како што велат, е како додавање сол на рана бидејќи „прошек“ за нив е долгогодишна традиција.
Хрватите се многу горди на своето вино, како негуван производ од сончевите карпести хрватски острови на Јадранското Море. Многу Хрвати се жртвуваа за членството во ЕУ, од кои голем број ја изгубија својата работа во непрофитабилните државно финансирани компании за кои Брисел нареди да бидат затворени, па сега регулацијата за виното се сфаќа како дополнителна навреда.
Винарот Андро Томиќ е еден од водечките експерти за вино што ја водат битката за зачувување на „прошекот“.
– Тоа е бренд што се произведува на овие простори повеќе од две илјади години. Тоа вино се произведува многу пред да постои сегашната италијанска држава – вели Томиќ за агенцијата „Асошиејтед прес“.
Тој вели дека не може да замисли што ќе се случи ако „прошекот“ исчезне бидејќи тоа е поврзано со старата традиција во далматинската култура на подготвување на ваквиот пијалак кога ќе се роди дете и потоа чување на истиот с` до денот на свадбата на детето.
– Секоја куќа што прави вино прави „прошек“. Тоа е гордост, да се одземе „прошекот“ е како да се одземе морето – вели Томиќ.
И не е само „прошекот“ загрозен. Името „теран“ го заштитиле соседите од Словенија, така што европскиот суд одлучи дека и тоа треба да се промени.
– Истра не е само хрватска, туку и словенечка и италијанска. Би било во ред тој бренд да остане овде. Разликата со словенечкиот е што нашиот се подготвува од сортата „теран“, а словенечкиот од сортата „рефошк“ – вели Морис Цивитико, сопственик на ресторан.
Влезот во ЕУ ќе ~ овозможи на Хрватска пристап до нови пазари, а на нејзините граѓани слобода да работат во други земји, но некои Хрвати почнуваат да се сложуваат со некои од граѓаните на ЕУ што се противат на мешањето од бирократите во Брисел.
Kога Хрватска се здоби со независност од Југославија во крвавата војна пред 20 години, околу 75 отсто од популацијата (4,3 милиони) сакаа да биде дел од ЕУ. Последните истражувања велат дека овој број се намалил на 45 отсто. Хрватска и нејзиниот сосед Словенија беа во спор околу политички и територијални прашања, па производителите на вино сметаат дека заштитата на „теранот“ е политички мотивирана.
– Ова е нефер процес кој нема да донесе никакви придобивки ниту за едната ниту за другата страна. „Теранот“ постои и во Италија, но Словенците не дигаат толкава врева за тоа – вели Ивица Матошевиќ, производител на вино од Истра.
Одлуката на ЕУ е удар за хрватските производители, кои сакаат да го зголемат бизнисот на повеќе европски пазари. Хрватите велат дека „теран“ или „терано“ во Италија е генерички тип грозје и не може да биде заштитен. Властите во ЕУ велат дека е можен меѓудржавен договор, но тоа зависи од словенечката влада.
– Ние сме изненадени. Мислам дека политиката се меша со виното – вели Матошевиќ.
Извор: dnevnik.mk