Винаријата “Стоби” во соработка со Македонската амбасада во Кралството Холандија на Саемот Персвејн во Хаг, претстави свои 13 сорти на вино, меѓу кои и Вранец веритас, што беше дел од специјалната дегустација за Мастерклас.
– Винарија “Стоби” од своето постоење па до денес се движи во насока на презентирање на своите вина, а со тоа и на македонското вино, на странските пазари. Овој пат, го издвоивме Вранец веритас одлежано во барик како врвно премиум вино за претставување пред потрошувачите и потенцијалните дистрибутери – изјави Јадранка Клариќ Кимовска, комерцијален директор на Винарија “Стоби”.
Овој настан е поддржан од Македонската амбасада во Холандија, а наменет за презентација на македонското вино во Кралството. Додека трае саемот, вината ќе бидат изложени пред потрошувачите, љубителите на вино, но и пред увозниците, дистрибутерите и претставниците од ХоРеКа сегментот во Холандија.
Покрај специјалната дегустација на Вранец веритас на настанот во Хаг беа претставени и други 13 сорти од Винарија “Стоби”, меѓу кои Пино ноар, Мерло, Каберне совињон, Аминта, Вранец, Шардоне барик, Стоби куве, Мускат отонел, Ркацители, Ризлинг, Жилавка и Розе алегро.
Покрај Винарија “Стоби” на Персвејн во Хаг учествуваа уште 10 други винарии од Македонија. По настанот во Хаг, Винарија “Стоби” го презентира Вранец Веритас во Варшава, Полска.
Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=373BA06DEEAFF34DAD2838BB31C31CB1