ЕУ од идната година ќе ги поедностави процедурите за аплицирање за средства за ИПАРД – компонентата, наменета за земјоделците, во делот на прибирање на бараната документација и за поддршката за апликантите.
Според Делегацијата, овие измени ќе следат откако во досегашниот период најмногу реакции од земјоделците имало во однос на проблеми да се обезбеди правна поддршка од големиот број различни агенции и министерства, доказ дека земјата е сопственост на лицето, дека зградите се легално изградени и животната средина нема да претрпи штети.
Значителна поддршка се предвидува и за консултанти и за агенциите за развој на земјоделството за да се обучат и да им помогнат на земјоделците соодветно да ги подготват апликациите за тие да имаат подобри шанси да ги добијат бараните средства.
Промени ќе има и во правилата во однос на поддршката од 50% за земјоделците кои набавиле земјоделска механизација. Услов се предвидува да биде таа да е набавена од земја – членка на ЕУ или од земја, која е корисник на ИПА иструментот, односно од земја од Западен Балкан или Турција.
Според Делегацијата на ЕУ во Македонија, македонските институции се позитивен пример за користење на средствата од ИПАРД компонентата. Од 2009 година досега биле реализирани шест јавни повици, а во тек е седмиот. Вкупно потпишани се 170 договори од сите типови мерки со вкупна вредност од 16 милиони евра. Сепак, три милиони евра кои биле на располагање ќе бидат вратени во ЕУ, а потоа повторно наменети за Македонија и релоцирани за други намени. Причинита за тоа, како што велат, не е во институциите во државата ниту кај земјоделците, туку во начинот на структурирање на средствата за оваа компонента во 2006 и 2007 година, а пред економската и финансиска криза.
ИПАРД – 2 компонентата за Република Македонија, како дел од ИПА – 2, која ќе го покрива периодот од 2014 до 2020 година, ќе се конципира во соработка со македонското Министерство за земјоделство и Агенцијата за поддршка на развојот во земјоделството согласно нивните потреби. Таа ќе содржи нови мерки. Новини што ќе ги донесе ИПАРД – 2, меѓу другото, се можноста за 100% финансирање со ЕУ грантови на проекти за подобрување на инфраструктурата во малите рурални општини, за што финансиските планови ќе се работат во согласност со тие општини. Втората област која ќе се финансира со 100% грантови е обуката за земјоделците и членовите на руралните средини за да се подобри пристапот до новите образовни сознанија во земјоделството. Една од целите е спречување на миграцијата село – град.
Во рамки, пак, на ИПА – фондовите за земјоделството Република Македонија искористиле 20 милиони евра, во кои се вклучени 10 милиони евра во ветеринарството.
Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=4477FA372E268242BAA7377E0E8841CF