Почетна / Вести Свет / Албанското млеко проблематично, косовското безбедно

Албанското млеко проблематично, косовското безбедно

Откако косовската Агенција за храна и ветеринарство повлече од пазарот неколку видови млеко од албанско производство и им препорача на своите граѓани да не го користат поради присуството на афлатоксин, сомневањата за тоа ги потврди и албанската Национална агенција за храна.

Според Агенцијата, првичните анализи потврдиле присуство на афлатоксин во млекото над дозволеното ниво, па им препорача на производителите доброволно повлекување до конечните анализи што ќе бидат направени во специјализирани лаборатории надвор од земјата.

– Првичните резултати потврдија дека нивото на афлатоксин во овој вид производи, кои се забранети за употреба во Kосово, е над дозволените норми на ЕУ. Работиме на утврдување од каде доаѓа тоа – изјавил Артан Ѓерѓи, кој и покрај настојувањата на новинарите, не одговори на прашањето колкаво е тоа ниво, а не ги кажа ни имињата на производите што не треба да се консумираат.

Од Агенцијата деновиве ја отфрлија можноста тоа да доаѓа од употребата на хормони за вештачки раст на добитокот.

Веднаш по прес-конференцијата на Агенцијата, Алтин Гоџај од Kанцеларијата за заштита на потрошувачите побара итно блокирање на продажбата, а не доброволно повлекување на производите од страна на трговците. Kако што најави тој, следен чекор на Kанцеларијата ќе биде кривична пријава.

Пред три дена Агенцијата за храна и ветеринарство на Kосово повлече од продажба неколку видови албанско млеко. Таа побара од граѓаните да не ги купуваат млекото и млечните производи од фирмите „Прималат“ и „Фаст“.

Kосовската агенција соопшти дека домашното млеко и млечните производи содржат афлатоксин во рамките на дозволеното. Според директорот на агенцијата, Валдет Ѓиновци, од четирите мостри млеко земени за анализа утврдено е дека млекото може да се консумира бидејќи присуството на афлатоксин е во рамките на дозволеното. И претседателот на Здружението на млекопроизводители, Рамадан Мемај, гарантира дека косовското млеко е безбедно за консумирање зашто содржи 0,05 микрограми афлатоксини. (В.Т.)

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Маслиновото масло ќе поскапи за 30-40 отсто

Екстремна суша со месеци ја погодува Шпанија, додека на италијанските плантажи со маслинки се појавија …