Македонија може да остане без лебно жито по поплавите, кои предизвика големи штети на земјоделските површини. Според експертите, освен реките и акумулациите што поплавија многу плодна почва, треба да се третираат и подземните води, кои полека, но сигурно ја уништуваат есенската сеидба.
Во Министерството за земјоделство вчера немаа конкретен број колкава површина е под вода. Оттаму велат дека треба да се остави време од десетина дена за да се сумираат резултатите на комисиите на локалните самоуправи, кои се на терен и ги проценуваат штетите, па потоа да се види колку од нивите годинава нема да дадат род или ќе родат половично. Земјоделците се во паника и подучени од минатите години, се плашат за својот опстанок.
Во ресорното министерство засега не се презема ништо, велат дека мора да се почека процената на штетите. Експертите, пак, бараат итно одводнување на поплавените површини, набавка на семиња за пролетни култури и нивно засејување секаде каде што е можно.
– Точно е дека подземните води почнаа да се покачуваат и полека ја уништуваат есенската сеидба бидејќи во најголем дел се стигнати до кореновиот систем на пченицата. На поплавени подрачја не се сади пченица, па многу веројатно е дека ќе се јави недостиг на лебно жито годинава. Итно мора преку канали да се одводнат поплавените ниви ако сакаме барем нешто да родат – вели професорот Борис Анакиев.
Тој препорачува навреме да се набават семиња од други култури и наместо пченица на нивите, да се засадат пченка, јачмен и други култури, кои може да се искористат за сточна исхрана.
– Kлиматските промени и управувањето со води н` доведе во ситуација да се бориме или со поплави или со суша. Штетата е направена и треба да се спаси што може. Најголема грешка е нивите да се остават без семе. Треба да се посади што било, ако е уништена есенската сеидба – едногласни се експертите од Факултетот за земјоделство и храна.
Земјоделците се во паника. Во Овчеполието, кое е втора житница по големина во земјава, велат дека наместо пченица, на поплавените ниви може да се сади само ориз.
– Нас н` мачи надземна вода, а во Пелагонија проблем се подземните води. Ќе нема лебно жито. Kај нас не може да се сее бидејќи и да се исчистат каналите и водата да се исцеди, во тиња ништо не се раѓа. А во Пелагонија ќе скапе тоа што е посадено. Штетите се големи, како ќе се прехраниме, не ни е јасно – велат во Сојузот на земјоделците на Македонија.
Официјалните податоци говорат дека Македонија годишно троши по околу 300.000 тони пченица, од кои половина ги произведува, а остатокот го увезува. Досегашното искуство покажува дека Македонија увезува околу 180.000 тони пченица, од кои 80.000 тони од ЕУ, 50.000 тони од Србија и 20.000 тони од Хрватска . Ако предвидувањата на експертите се точни, годинава треба да имаме двојно поголем увоз од лани. (В.А.)
Извор: dnevnik.mk