Во Македонија домашното млеко е безбедно за пиење, а деновиве се очекуваат нови резултати за квалитетот на млеко. Додека кај нас состојбата се стабилизира, кај другите балкански држави аферата со отровно млеко продолжува.
Во Хрватска ресорното министерство го откупува млекото, а ќе се уништат околу 70.000 литри канцерогено млеко. Штетата од непродаденото млеко изнесува околу 240.000 куни или околу 30.000 евра дневно.
На тапет во Србија е ставен првиот човек на министерството за земјоделство, Горан Кнежевиќ. Од него се бара одговорност, но тој за српските медиуми изјави дека не чувствува одговорност за моменталната состојба. Според него малите фармери се најзагрозени, а државата нема да дозволи да се уништи домашниот сточен фонд кој последните седум години и онака е преполовен.
Потпретседателот на Владата на Војводина и секретар за земјоделство им забранил на своите деца да пијат млеко со образложение дека резултатите од новите анализи покажуваат уште поголемо количество на афлатоксини во млекото – дури за седум пати поголемо од дозволеното.
Извор: vecer.com.mk