Прилепска пиварница инвестираше во бескиселгурна филтрација што ја става во редот на ретките коишто се грижат и за средината и за подобар вкус на пивото. Димитар Тодороски, бренд-менаџер од Прилепска пиварница вели дека инвестицијата во бескиселгурна филтрација беше чекор напред кон подобро и поквалитетно пиво.
– Оваа инвестиција за нас беше само можност повеќе за достигнување на светски квалитет на македонското пиво. Ние сме една од трите пиварници во Европа што има ваков тип на филтрација. Постоиме речиси 90 години на овој пазар, а нашето македонско пиво е едно од најдобрите токму поради постојаните вложувања – смета Тодороски.
Според него, доказ дека се на вистинскиот пат беше и последното рангирање на Светската анализа на “Плимсол”, каде компанијата беше ставена во делот на силни пиварници.
– Кога вложувате во пивскиот бизнис на прво место треба да го имате интересот на потрошувачите. Со квалитетот не можете да правите компромиси, а во него треба постојано да вложувате. Тоа е нашата мисија по која што се водиме. Последните неколку години значително вложивме во новини во производството, во создавање на нови производи, во развивање на еден нов начин на комуникација. “Златен даб” и “Крали Марко” се наши препознатливи, македонски брендови со висок квалитет бидејќи потрошувачите го заслужуваат најдоброто – смета Тодороски.
Многупати досега се покажало дека токму вложувањето во време на криза се покажуваат како одлична стратегија на компаниите кои имаат јасен план што постигнуваат со инвестициите.
Извор: vecer.com.mk