Иако државата дава субвенции од 9.000 денари за хектар, земјоделците немаат интерес да ја вратат репката на нивите бидејќи откупните цени не ги покриваат трошоците.
Македонија е целосно зависна од увоз на шеќер. Шеќерната репка исчезна од нивите пред повеќе од пет години. Иако државата дава субвенции од 9.000 денари за хектар, земјоделците немаат интерес повторно да ја одгледуваат. Според експертите, годишно од земјава се одлеваат околу 40 милиони евра за увоз на шеќер. Според нивна процена, со производство на шеќерна репка на 3.000 до 4.000 хектари би се задоволиле потребите на државата.
– Во Македонија повеќе од пет години нема ниту корен шеќерна репка. Потребите целосно ги обезбедуваме од увоз, за кој просечно годишно се издвојуваат околу 40 милиони евра. Шеќерната репка во земјава не се одгледува од 2008 година бидејќи нема организиран откуп од регистриран откупувач на репка. Во 1989 година производството на шеќер било најголемо – се произвеле околу 153.000 тони на површина од 35.000 тони. Во 2008 година не е засадена ниту една нива – велат во Министерството за земјоделство.
Земјоделците, и по пет години, мислат дека залудно ќе садат и сметаат дека производството на репката е неисплатливо.
– Не може да биде исплатливо, шеќерот се продава по 30 до 45 денари, а репката се откупуваше 3 денари за килограм, со што ништо се покриваше. А тоа е тешка култура, има многу обработка и мислам дека не е исплатлива – велат во Сојузот на земјоделци на Македонија.
Единствениот откупувач на шеќерна репка беше битолската шеќерана „4 Ноември”, која пред неколку години ја купи бугарска фирма. Таа веќе пет години се потпира на увозна суровина за работа. Репката престана да се откупува во 2008 година. Порано само во Пелагонија се садеа околу 5.000 хектари со шеќерна репка и во фабриката се преработуваа 160.000 тони. Сега годишно се произведуваат 50.000 тони шеќер добиен од нерафиниран жолт шеќер. Цената на произведениот шеќер е директно зависна од цената на суровината на светските берзи, од што крајно зависи и цената на шеќерот во малопродажбата.
Во 2010 година Министерството за земјоделство најави кампања за враќање на шеќерната репка на македонските ниви со цел да се добие шеќер од сопствено производство како стратешки производ и земјоделците да добијат добри можности за заработка. Но, до денес нема ниту декар со шеќерна репка. Субвенциите за засеан хектар шеќерна репка се 9.000 денари.
Цената по која во маркетите може да се купи шеќер е 38 до 43 денари за килограм. Иако цента на светските берзи последниов период опаѓа, кај нас таа не се коригира.
– Бидејќи и суровиот шеќер е берзански производ, секоја корекција во позитивна или негативна насока ќе има влијание врз домашниот пазар – велат експертите. Според нив, цената на шеќерот зависи од цените што ги поставуваат набавувачите на шеќер, од кои засега немаат најави за корекција. Но, сепак, појаснуваат дека во ситуација кога набавувачите се принудени да го следат трендот на поевтинување на шеќерот на светските берзи, тогаш најверојатно ќе дојде и до намалување на цената на шеќерот во македонските маркети, а и на цените на кондиторските производи.
Според светските медиуми, вишокот шеќер на светско ниво ќе се намали за 51 отсто во периодот 2013-2014 година, споредено со претходната година, поради пониските цени, кои доведоа до пад на производството. Вкупното производството на шеќер во светот за 2010/2011 година изнесува 168,8 милиони тони и претставува зголемување за 7,7 отсто во споредба со 2009/2010 година. Порастот главно се должи на значајното заживување и зголемување на производството на шеќерна трска во Индија.
Поголем дел од зголеменото производство отпаѓа на земјите во развој, 129,4 милиони тони, каде што е констатирано зголемување од 10,3 отсто во споредба со 2009/2010 година, за разлика од развиените земји кај кои не се регистрирани никакви промени. Во однос на потрошувачката на шеќер, 67 отсто од вкупните количества отпаѓаат на земјите во развој и се очекува нивна доминација и во иднина, посебно на земјите од азискиот континент.
Се претпоставува дека глобалната потрошувачка ќе продолжи да расте, во просек од 1,5 до 2,0 отсто годишно, поттикната главно од подобрување на животниот стандард на населението во светот, порастот на популацијата, како и од менувањето на начинот на исхрана.
Валентина Ангеловска
Извор: dnevnik.mk