Почетна / Вести Македонија / Зголемениот род на тутун во Велешко проблем за откупувачите

Зголемениот род на тутун во Велешко проблем за откупувачите

Откупот на тутунот во Велешко се одвива во најдобар ред. Присуството на инспекторите на откупните пунктови ја вратија довербата кај производителите.

 

И додека производителите сега се задоволни од добиената цена, чија просек изнесува 156 денари, на откупните пунктови се појави друг проблем. Немал број производители не знаат што да прават со поголемото производство на тутун од она што се предвидува според законот. Имено, во договорите, откупувачите на производителите им признаваат по 170 килограми по декар. Меѓутоа, производителите, пред се поради наводнување на површините, нашле за два, па и повеќе пати поголемо производство. Тие количества тутун откупните компании не сакаат да им ги откупат иако квалитетот на тутунот е повеќе од добар.
– Со изградбата на браната на ХС Лисиче” коритото на реката Тополка беше полно цело лето. Нивата со тутун ми беше во близина и го наводнував. Наместо 170, најдов 500 килограми од декар. Сега ми велат дека тој тутун нема да ми го откупат. Што да му правам? Не сум само јас. Бараме помош од Министерството да ни го откупат родот. Гревота е да го фрлиме или пак да го оставиме да мувлоса, вели Блаже Кимов од селото Еловец.

Земјоделците од Оризари, Чашка, Голозинци, Лисиче, кои произведоа повеќе тутун од предвиденото, бараат инспекторите да дојдат на самото место за да се уверат дека тие навистина произвеле поголемо количество.
– Површините се тука. Договорите исто така. Не сакаме никого да измамиме. Со пот го произведовме тутунот и не сакаме сега да го фрлиме. Тој е квалитетен и жално ќе биде ако не биде откупен, вели Ангеле Трајковски од селото Лисиче.

Откупните компании “Алијанска”, “Сокомак” велат дека работат според законот. Доколку Министерството даде виза тие се подготвени да ги откупат и овие количества на тутун. Производителите веруваат дека Министерството ќе им помогне и дека тие, ако е потребно, нема да бараат субвенции за тие количества се со цел, жолтото злато” да биде откупено. Инаку, според производителите во Велешко проблематични” за откуп се околу триесет тони тутун од насадените 980 хектари.

Извор:vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …