Почетна / Вести Македонија / Земјоделските инспектори со униформа

Земјоделските инспектори со униформа

Земјоделските инспектори ќе добијат униформа, амблем, нова легитимација и овластувања. Пред да почнат со извршување на должноста ќе мора да полагаат посебен испит, а ќе бидат подложени и на психолошки тестирања.

Ова се само дел од измените на Законот за државниот инспекторат за земјоделство кои се во собраниска процедура. Со измените се воведува лиценца за земјоделски инспектор, предвидени се континуирани едукации на инспекторите, а предвидено е следење и оценување на успешноста и соодветни награди и казни за инспекторите. Со измените кои се во собраниска процедура предвидени се глоби за претседателот и членовите на Инспекцискиот совет, како и за функционерите, директорите и раководителите на инспекциските служби за непочитување на одредбите од законот. Според експертите, новиот закон ќе ги зајакне и онака големите овластувањата што ги имаше досегашната земјоделска инспекција.

– За да се спречи шверцот со земјоделски препарати, семиња, неквалитетни ѓубрива и слично државата го донесе Законот за Државниот инспекторат за земјоделство со кој земјоделските инспектори добиваат овластувања речиси како полицајци. Со овој закон се добива во квалитет при што се влијае и во насока да се зголеми степенот на општа безбедност на крајните корисници и ризикот за животот и за здравјето на животните. Со измените ќе се допрецизираат одредени дејности, како издавањето лиценца и полагањето испит кој мора да го има секој земјоделски инспектор – велат во Министерството за земјоделство.

– Инспекторот е должен да положи стручен испит за инспектор во рок од една година, но не пред истекот на шест месеци од денот на засновањето на работниот однос. При вршење на инспекцискиот надзор, инспекторот носи униформа со амблем, опрема за работа и опрема за заштита при работа. Kројот на униформата, изгледот на амблемот, опремата за работа и опремата за заштита при работа, ја пропишува министерот – стои во законот.

Со законските измените, земјоделскиот инспектор може да одземе предмети, производи, растенија и риби ако се сомнева дека се неисправни. Ако одземените предмети се со неутврден квалитет и подложен на брзо расипување или пропаѓање, инспекторот со решение ќе нареди нивно уништување. Kога одземените предмети се од непознати лица, Инспекторатот може да ги продаде или уништи во присуство на комисија формирана од министерот. Парите добиени од продажба се приход на државниот буџет. (В.А.)

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …