Да се активира двопартитниот и трипартитниот социјален дијалог за подобрување на состојбата на работниците ангажирани во земјоделското производство, побара Синдикатот на земјоделските производители на Македонија (СЗПМ).
– Иако во Македонија има предуслови за социјален дијалог, тое е само на хартија. Во пракса воопшто не функционира. Како репрезентативен синдикат и натаму ќе бараме социјален дијалог пред се со работодавачите, а Економско социјалниот совет ќе се вклучи дури во фазата кога ќе се постигне двопартитен договор со цел негово законско нормирање – рече претседателот на СЗПМ, Ристо Велков.
Според координаторот на проектот Трајан Димковски, непостоењето активен социјален дијалог се должи на структурата на земјодеското производство кое е расцепкано и со слаба финансиска моќ.
– Статистиката покажува дека во македонскиот аграр работат 120 до 150 илјади работници. Најголем дел од семејните фарми, или 58% се со финансиска моќ до 2.000 евра, а останиот дел до 50.000 евра. И во некогашните земјоделски комбинати кои сега се приватизирани, се минимизира или се избегнува социјалниот дијалог. Продолжува појавата работодавачите да ангажираат сезонски работници без почитување на социјалниот дијалог и избегнување на законските обврски за социјална и пензиска заштита – потенцира Димковски.
Во втората фаза од спроведувањето на проектот Ефикасен социјален дијалог на социјални партнерии идната година ќе бидат отворени канцеларии за мониторирање на спроведувањето на социјалниот дијалог во земјоделството.
Извор: vecer.com.mk
агри.мк Портал за промоција, развој и поттикнување на земјоделството во Македонија