Почетна / Вести Македонија / ЕК со пофалби за аграрната политика, субвенциите со највисоки оценки

ЕК со пофалби за аграрната политика, субвенциите со највисоки оценки

Во 2013 година е зголемена финансиската поддршка за земјоделство и руралниот развој, а субвенциите сочинуваат повеќе од три четвртини од буџетот. Европската комисија во последниот извештај за напредокот на аграрот дава умерена оценка, а посебно позитивни оценки дава за работата на Агенцијата за храна.

Во 2013 година е зголемена финансиската поддршка за земјоделство и руралниот развој, а субвенциите сочинуваат повеќе од три четвртини од буџетот, вклучувајќи ги исплатите по области и по грло добиток, исплата на премии и субвенции за стратешки важни производи и исплати што не се поврзани со артикли. Имаше значителен пораст во алокацијата на мерките за рурален развој, за што подготовките се во тек. Се донесоа законите поддршка на земјоделството и руралниот развој и за квалитет на земјоделските производи. Националната програма за развој и поддршка на земјоделството 2013-2017 беше усвоена. Ова се главните нотирани забелешки во извештајот на Европската комисија за напредокот на македонскиот аграр.

Комисијата дава позитивни забелешки за организацијата на пазарот, со посебен аспект на усвојувањето на Стратегија за подобрување и следење на квалитетот на млекото за периодот 2013-2020, како и легислативата за житарици и ориз.

Во извештајот позитивно е оценета и усвоената легислатива за органско производство.
Препораката на Комисијата во делот на земјоделството и руралниот развој е во наредниот период да се вложат повеќе напори за искористување и спроведување на ИПАРД програмата , пред се во зајакнување на административниот капацитет на Платежната агенција.

Најдобра оценка за Агенцијата за храна
Во делот на земјоделството, најдобра оценка има Агенцијата за храна бидејќи е постигнат добар напредок во областа на безбедноста на храната и ветеринарната политика. Како позитивни чекори се оценети усвојувањето на Стратегијата за безбедност на храна 2013-2015 година, како и формирањето на Национален совет за храна и добиточна храна кој има советодавна функција.
-Агенцијата обезбедува редовно ажурирање на системите за контрола на увозот и условите за увоз на живи животни и производи од животинско потекло. Донесени се Правилници за идентификација и регистрација на животните коњи и домашни миленици, се наведува во извештајот. Сепак Комисијата предупредува дека иако во делот на безбедноста на храната усвоени се повеќе правилници, но сепак капацитетот на инспекторат останува недоволен.
Фитосанитарната управа и оваа година е на тапет, каде што комисијата забележува слаб напредок. Забелешките се однесуваат на фактот што иако некои подзаконски акти за здравје на растенијата и квалитетот на семе и размножување на семенски материјал се донесени, но не преземена акција за спроведување на меѓународните стандарди, особено за надзор, извоз, сертификација и утврдување на статус за штетници.

Критики ЕК упати за делот посветен на рибарство и аквакултурата. Комисијата негативно го оцени тоа што не се применуваат барањата на ЕУ за ресурсите, флотата, инспекција и контрола во внатрешниот риболов, освен за контрола на маркетинг и следливост на рибните производи.

Годинава рекордни 135 милиони евра за субвенции
Премиерот Никола Груевски пред една недела најави дека за оваа година се предвидени рекордни 135 милиони евра субвенции за земјоделците.
– Тоа е рекорд во историјата на Република Македонија. Никогаш ниту приближно немало вакво нешто. Во времето на нашиот политички конкурент СДСМ, речиси и немаше субвенции до последната година кога принудно овозможија пет милиони евра за тутунарите. Велам принудно затоа што имаше сериозни демонстрации пред изборите и мораа да дадат нешто. Во тоа време не постоеја субвенции за земјоделците – изјави Груевски. Тој за следната година најави поддршката на македонското земјоделство и македонскиот земјоделец да изнесува 140 милиони евра.

Извор: vecer.com.mk

 

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …