Од лут пипер си обезбедуваме сладок живот, велат жителите од пограничните битолски села, кои во потрага по егзистенција се вратија кон старскиот начин на производство на ситен пипер за манџа или покрупно сомелен, народски познат како буковка.
Стотици куќи во Бистрица, Kрстоар, Барешани, Олевени поцрвенеа како никогаш другпат во последните десетина години. Од илјадниците вреќи со нанижани црвени пиперки за сушење, обесени под стреите, не се гледаат фасадите на селските куќи.
– По богатата берба, ги наполнивме вреќите, ги оптегнавме по ѕидовите да се сончаат (сушат) пиперките. Потоа ќе ги печеме и во денешно време кога ни пченица веќе не се меле по старски, ние пиперките ќе ги мелеме во воденица. Останата е една во Бистрица за производство на пипер. На крајот добиваме ситен мелен пипер низ сито да ја сееш – раскажува Драги Трпчевски, жител на село Олевени.
Kон традиционалниот начин на производство на пипер, кој овде се практикувал од дамнина, Трпчевски се навратил од минатата година. Оваа есен наполнил 3.000 вреќи, од кои очекува да извади два тона мелен пипер.
– Во други краишта се користи индустриска пиперка за оваа намена. Но, кај нас се сади семе од стара квалитетна сорта, која се одгледува во овој крај можеби цел век. Kога го мелеме, се користат и семките и шишката – вели Трпчевски.
Ситниот пипер од Битолско, лут и благ, стигнува на трпезите во цела Македонија. Со него се готват манџи и во Грција. За неговиот вкус дознаа и грчките државјани од соседните села на другата страна од границата. Kога есенва купуваат зеленчук за зимница, понесуваат и по некој килограм ситен црвен пипер.
Жителите од пограничните села имаат полни раце работа, дури и 80-годишни баби нижат пиперки по селските дворови.
– За оваа намена ги користиме танките и криви пиперки. Од 800 грама свежи пиперки се добиваат 50 грама сув пипер. Во малопродажба цената е 300 денари за килограм, што значи двојно повисока од онаа што ни ја плаќаат откупувачите, кои за еден килограм мелен пипер ни даваат по 150 денари – вели земјоделецот Јоле Алексовски од село Барешани.
Тој објаснува дека овој крај на Пелагонија е толку богат, што корен успеа да фати и шпанска сорта пиперка, специјално наменета за салата, за која се вели дека немала лушпа.
Жителите од селата што очите ги издале, па повеќе не можат да нижат пипер, обожаваат да раскажуваат за славното минато на битолскиот зачин. Велат дека цела поранешна Југославија се сладела со него.
– Порано преку есен сам по 1.000 низи правев. Ќе го сомелевме пиперот и 20 години го носев во Прилеп и го продавав на „Витаминка“. Тогаш се гледаше фамилија од овој бизнис. Го продававме во цела Југославија. Тогаш се велеше дека најдобри се фефероните од Унгарија, а пиперот од Македонија – вели дедо Пеце Лазаревски од село Барешани.
Според неофицијални пресметки, во пограничните битолски села годинава се наполнети околу 60.000 вреќи со пиперки за зачин. Земјоделците ќе добијат субвенции од 23.000 денари за хектар насад со пиперки.
Извор: dnevnik.mk