Почетна / Вести Македонија / Сушата го пресуши медот

Сушата го пресуши медот

Годинава се преполовени количествата произведен мед во земјава, се пожалија пчеларите-учесници на манифестацијата „Денови на македонското пчеларство“, што се одржува во Битола.

Тие велат дека пчеларството веќе подолго време е погодено од глобалното затоплување, посебно од сушата, која ја намалува појавата на цветни растенија, брзо ги пресушува, па пчелите остануваат без храна. Ваквото време условува и појава на разни болести кај инсектите.

– Ова беше сиромашна година за нас пчеларите и за пчелните заедници. Сето тоа е последица на климатските промени. Поради големите суши, и приносите на мед се намалени и до 50 проценти. Ние како пчелари сме немоќни, нема што да преземеме кога ваквите последици се предизвикани од самата природа – изјави Пеце Чавдаровски, претседател на здружението „Нектар“ од Битола.

Од сушата најмногу се погодени произведувачите на органски мед зашто критериумите за добивање на оваа здрава храна не дозволуваат прихранување на пчелите со шеќер или нивно поместување во полето каде што има наводнување.

– Последните десет години многу н` погоди сушата. Ние не смееме да ги преместуваме пчелните семејства, на пример, во Пелагонија каде што се наводнува. Kритериумите за органско производство се местоположбата на пчеларникот да е минимум три километри оддалечен од некој извор на загадување и во три километри дијаметар да нема никакви индустриски култури – вели Менде Трајковски, производител на мед во Мариовско.

Во битолскиот регион засега има 20 пчелари што се занимаваат со органско производство, а другите се конвенционални производители. Намалените количества мед придонесоа деновиве да поскапи овој еколошки производ.

– Овој пат од друштвото ни е речено да го продаваме 250 денари за килограм, а претходно беше 220 денари. Таа цена беше една од најевтините во Македонија. Сега поскапувањето е на почеток, па ќе видиме, можно е да падне и продажбата поради слабата куповната моќ на луѓето – вели пчеларот Атанас Митревски.

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека лани биле намалени произведените количества мед за 44 проценти во однос на 2011. Годинава се очекува уште поголем пад на производството.

Заменик-министерот за земјоделство Зоран Kоњановски изјави дека пчеларите наскоро ќе добијат советници што ќе ги учат како да постапат со производството во услови на климатски промени.

– Со глобалното затоплување и со низа други непогоди се јавуваат болести кај пчелите. Свесни сме за оваа ситуација, па затоа сакаме да го подобриме системот за давање советодавни услуги. До крајот на оваа година ќе го донесеме законот за советодавни услуги. Сакаме на земјоделците, на пчеларите на некој начин да им „залепиме“ по еден советник, кој правилно ќе ги советува во однос на користење пестициди, препарати против болести на пчелите и друго – изјави Kоњановски.

Извозот донесе 600.000 евра

Македонија минатата година до август направила извоз на македонски мед во износ од 600 илјади евра, додаде министерот Kоњановски.

– Во земјава има околу 4.400 пчеларници со над 183.000 пчелни семејства, што е знак дека пчеларството е сериозна гранка во Македонија. За оние што имаат над 35 пчелни семејства државата дава по 600 денари за пчелно семејство. Во согласно со програмата од ИПАРД може да се обезбедат финансиски средства со поврат од 50 проценти за осовременување на стопанствата, набавка на опрема, пакување, етикетирање. Со тоа македонскиот мед ќе биде с` поприсутен на македонскиот и на европскиот пазар – рече заменик-министерот.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …