Почетна / Вести Македонија / Земјоделците полесно ќе ги добиваат европските пари

Земјоделците полесно ќе ги добиваат европските пари

Купување механизација, модернизирање фарми, млекарници, пластеници и оранжерии, обновување на преработувачки капацитети, како и изградба и реновирање на објектите за рурарен туризам со средства од европските претпристапни фондови, овозможуваат најновите измени на ИПАРД програмата што синоќа пред земјоделците во Ресен ги образложи ресорниот заменик министер Зоран Коњановски.

Производителите, главно овоштари, најмногу се интересираа за новините во нивниот сектор, но внимание предизвика и можноста за набавка на трактори.

Како што соопшти Коњановски, намалена е границата за аплицирање што овозможува ИПАРД барања да поднесуваат и поситните земјоделци, но зголемена е и сумата за поголемите проекти. Измените воедно овзможуваат за претпристапните средства да конкурираат и малите и средните претпријатија поради што се очекува значително поголема апсорпција на европските фондови.

– Можностите се сега многу поголеми. За оние кои сакаат да изградат нови оранжерии границата на дозволени трошоци е подигната на повеќе од 2 милиона евра. Ќе може да се користат и средства за изградба на нови објекти во руралните средини со капацитет до 30 соби и 70 легла во насока на развој на туризмот и нови вработувања за што сметаме дека ќе има голем интерес. Оттука, очекуваме на наредните огласи да се јават поголем број апликанти и искористеноста на средствата да биде многу поголема, истакна заменик министерот.

Досега, рече, бројот на апликации беше прилично низок, 70 до 90 по јавен повик, а сега се очекува драстично зголемување, до околу 1.000, што ќе значи и многу посериозна апсорпција на средства.

– Нудиме нешто што досега не постоше во ИПАРД, а ќе придонесе да им излеземе во пресрет на барањата на земјоделците, напомена Коњановски.

Синоќешната презентација се одржа во рамки на ИПАРД форумот „Нови измени во ИПАРД Програмата – подобри можности за користење на европските фондови“, еден од серијата што почнаа неделава и ќе траат се додека сите земјоделци не бидат директно информирани.

Извор: kurir.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …