Почетна / Вести Македонија / Тутунот даде солиден живот

Тутунот даде солиден живот

Ретки се вакви години, кога навреме се плаќа тутунот соодветно на вредноста на вложениот труд. Порано од вообичаеното ги добивме субвенциите, вели тутунарот Али Бекироски од прилепското село Црнилиште, на прославата на 60-годишнината од тутунското здружение во Прилеп и на 140-годишнината од поставувањето на темелите на Тутунскиот комбинат, на која присуствуваше и министерот за земјоделство Љупчо Димоски.

Бекироски е еден од стотиците тутунари што зедоа бели картони за регистрација за ново производство за годинава. Според експертите, производството годинава ќе порасне за најмалку 20 отсто. Причина за тоа е примамливата цена од три евра за килограм и субенциите од 60 денари за истата количина.

– Атрактивни се цените и тутунот е економски исплатлива култура. Од него солидно се живее. Без механизација, рачно сработивме четири тони. Ќе добијам за награда машина за нижење и ќе се олесни продукцијата, но и ќе порасне квалитетот. Добро би било откупувачите да н` следат со репроматеријали – вели Бекироски, кој ги трие рацете бидејќи со сопругата и двете внуки зеле 16 илјади евра од Тутунскиот комбинат и субвенции.

За Данчо Милески, претседател на Здружението на тутунарите, прославата е стимул за поголемо и поквалитетно производство, потсетник на тутунарите дека имаат грб и не се заборавени.

– Продолжуваме да ја играме улогата на заштитници и охрабрувачи. За зголемувањето на продукцијата сведочи и податокот дека бројот на тутунарите е зголемен за 20 отсто. Плус, растат површините на старите тутунари. Тоа е плод на субвенциите. За неколку години очекуваме да стасаме до рекордната 1986 година, кога беа откупени 35 илјади тони од 40 илјади семејства – вели Милески.

За директорот на Тутунскиот комбинат, Александар Дермеџиев, тутунската индустрија е најконкурентна.

– Иднината на ориенталниот тутун не е загрозена. Со субвенциите се зголемува производството, но расте и побарувачката на светските пазари. Тоа оди во прилог на Kомбинатот да откупи што повеќе тутун и да најде пласман – вели Дерменџиев.

И за првиот човек на Институтот за тутун во Прилеп, д-р Гордана Мицкоска, производството на тутун не е загрозено на овие балкански простори, покрај силните влијанија против тутунот.

– Тутунот е стратегиска култура за Македонија и носи огромни девизи бидејќи учествува во извоз со три отсто и со 22 отсто во агрокомплексот. Со програмата на ФАО продукцијата на тутун се зголемува за речиси 20 отсто во наредните години. Тутунот останува на овие простори и не е загрозена егзистенцијата на десет отсто од населението – вели Мицеска.

Љупчо мургоски

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …