Почетна / Вести Македонија / Земјоделците бараат субвенции за бунари

Земјоделците бараат субвенции за бунари

Во битолскиот дел на Пелагонија само една третина од обработливата површина е опфатена со хидросистемот и таму се одгледува пченка, а ако успее стратегијата со бунарите, таа ќе произведе над 50 проценти од потребите на државата од оваа култура.

 

Државата да воведе субвенции за бунари што се користат за наводнување земјоделски површини, бараат пелагониските земјоделци за да може да ги зголемат површините под пченка. Македонија с` уште е увозно зависна од оваа житна култура, а по последните афери со пченкарно брашно кое содржи афлатоксин над дозволеното, расте интересот за одгледување домашна пченка. За развој на оваа култура особено се заинтересирани сточарите и производителите на добиточна храна зашто пченката претежно се користи за исхрана на добитокот.

– За да се одгледува пченка, потребна е влага. Во битолскиот дел на Пелагонија само една третина од обработливата површина е опфатена со хидросистемот и таму се одгледува пченка, а на други места речиси и да не се сее. Состојбите се вакви иако е подоходовна култура од пченицата, приносите се двојно или тројно поголеми од хектар, а и откупната цена за неколку денари е повисока – вели Митко Николовски, одгледувач на пченка од Битолско.

Од Сојузот на земјоделците велат дека во државата досега има околу 100.000 бунари, а се користат само дел. Во најскоро време ќе побараат од Министерството за земјоделство да се воведе и субвенција за дупчење бунари таму каде што нема системи за наводнување, но под услов водата да се користи за земјоделство.

– Со ова се надеваме дека пченката повторно ќе се врати на нивите. Таа во минатото беше речиси исчезната, па ја нарекувавме украсно растение. Од пред седум години со зголемувањето на субвенциите повторно почна да се сее. Но, во Македонија с` уште ја нема во доволно количество за потребите на фармите. Ако успее стратегијата со бунарите, Пелагонија ќе произведе над 50 проценти од потребите на државата за пченка – вели Вељо Тантаров од Сојузот на земјоделците.

Во Македонија најчесто се увезува пченка од земјите во регионот, Србија и Бугарија. Нашиот северен сосед се смета за најголем извозник на пченица од просторите на поранешна Југославија, а таму приносите го имаа достигнато биолошкиот максимум на растението. Но, во последно време земјата се соочи со многу критики дека извезува род со зголемено количество афлатоксин.

– Можеме да потврдиме дека македонската пченка одгледувана на наша почва не содржи афлатоксини и е безбедна за употреба. Дополнителен мотив за да се почне со одгледување на оваа култура се приносите. Ако пченицата дава под пет тони од хектар, пченката раѓа по 10 до 13 тони. Родот се откупува од берба до берба, а го земаат производители на концентрати од Велес – вели Тантаров.

Според земјоделците, цената за килограм пченка се движи над 15 денари за килограм. Друг предуслов за зголемување на површините под оваа култура е изградба на сушарници, кои во Пелагониско с` уште ги има малку.

Во производството на пченка ќе се користат американски искуства во општина Новаци која е во срцето на Пелагонија.

– Избрани сме за пилот-општина каде што преку проектот „Експанзија на мали бизниси“ поддржан од УСАИД и Kарана корпорацијата ќе се одржат обуки на земјоделци како од еден хектар со наводнување капка по капка да добиваат пченка од 17 до 20 тони, пченица 6 до 7 тони и индустриски домат 120 тони – вели градоначалникот Лазар Kотевски.

Жанета Здравковска


Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …