Почетна / Вести Македонија / Македонија не ограничува увоз на српско брашно и пченица

Македонија не ограничува увоз на српско брашно и пченица

Увозот на брашно и пченица од Србија не е ограничен и се реалзира скоро секој ден, а контролата на пратките е согласно обврската за доследна примена на европските стандарди.

Ова е ставот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопаство (МЗШВ) во врска со изјавите на српските власти и увозници кои обвинуваат дека Македонија ги избегнува српските производи и со уредби го руши ЦЕФТА договорот.

Според српските медиуми, македонските власти воведуваат различни прописи со кои спречуваат увоз на брашно и пченица од Србија, кршејќи го притоа ЦЕФТА договорот, како и дополнителни контроли за одредени производи (сол за човечка употреба) наспроти досегашните вообичаени проверки.
– За да се биде сигурен дека се почитуваат стандардите се прави контрола за веродостојност на податоци кои се дадени во документот што го следи производот. Ова е вообичаена пракса – нагласуваат од МЗШВ.

Контролата се врши согласно Законот за безбедност на храна и Правилникот за општи барања за безбедност на храна усогласен со барањата на ЕУ кој предвидува вршење на документарен и физички преглед. Во физичкиот преглед спаѓа и земање мостри за анализа кои се носат во Институт за јавно здравје во Куманово. Доколку странката е незадоволна, суперанализа се прави во Институтот за јавно здравје во Скопје или на Факултетот за ветеринарна медицина.
Според Министерството, во дел од количините српска пченица увезени во февруари годинава, суперанализите потврдиле зголемено присуство на олово. Тие се прогласени како небезбедни за исхрана. Вкупната количина, пак, во која се пронајдени токсични материи е 536 тони и 480 килограми.

Увозникот на ваква пченица, според законот, има три можности, да се врати пченицата во земјата извозник, да се уништи или да се намени за друга употреба доколку ги исплнува условите за друга употреба.

Српските медиуми пишуваат дека праксата на Владата во Скопје е да го бојкотира увозот на пченицата и брашното се додека српските власти не се пожалат во ЦЕФТА по што е неопходно да поминат два до три месеца додека ова прашање не го разгледа Заедничкиот комитет кога и се укинуваат бариеритее.

Според српскиот министер за трговија Расим Љајиќ, неговата Влада веќе упатила писмо до македонската со надеж дека проблемот ќе се реши на билатерално ниво.
– Ако на овој начин не успееме да ги надминеме недоразбирањата, не ни останува ништо друго освен да се обратиме во ЦЕФТА – вели Љајиќ.

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …