Почетна / Вести Македонија / Железната порта се отвора за туристи

Железната порта се отвора за туристи

Прошетка по винските патишта, посета на ридот на кактусите и други изненадувања, најавуваат организаторите на годинашнава туристичка манифестација, која ќе биде отворена за верскиот празник Св. Трифун, посветен на заштитникот на лозарите.

 

Од повеќе градови во државата има најави за организирано доаѓање на гости во Демир Kапија, на прославата на верскиот празник Свети Трифун, тврдат организаторите на туристичката манифестација, за која од година во година интересет е с` поголем. Организаторите велат дека заинтересираните се организираат преку туристички агенции за заедничка посета на манифестацијата посветена на виното, на која годинава се предвидени повеќе изненадувања за посетителите, во кои спаѓа и прошетка по винските патишта на Демир Kапија.

– Прошетката подрабира посета на винарниците, дегустација на вино и ракија како и традиционални специјалитети и разгледување на Музејот на виното. Во зависност од желбата на гостите, може да се видат и природните атракции во општината, како ридот со кактуси, околните пештери, ретките птици грабливки и друго – открива Виолета Јанкова, советник за туризам при локалната самоуправа на Демир Kапија.

Таа вели дека во рамките на Неделата на традицијата, која ќе се одржува во општината во деновите за празникот Свети Трифун, кој се празнува како заштитник на лозарите, ќе има и повеќе други активности што ќе го привлечат вниманието на туристите во општината Демир Kапија, чие име значи железна капија или железна врата. Се мисли на вообичаените натпревари во закројување на лози и најдобро подготвени вино и ракија на домашен начин. Освен натпревар во приготвување традиционални јадења, годинава ќе има и натпревар во подготовка на посовремени специјалитети за во манифестацијата да се вклучат и помлади вљубеници во добрата храна. Повторно ќе има и аукција на архивски вина, а парите од аукцијата ќе му бидат донирани на Специјалниот завод.

Градоначалникот Трајче Димитриев е задоволен, како што вели, што жителите на оваа општина го сфатиле значењето на туризмот и фактот дека не мора да се има море или езеро за да се биде туристичко место.

– Имаме вино, природа, клисура и други убавини. Светот од таквите богатства прави пари. Зошто не би можеле и ние да им ја продадеме на туристите приказната за Демир Kапија, каде што многу одамна е основана првата винарска визба на Балканот, токму поради извонредните климатски услови за лозаровинарство – вели Димитриев.

Проект-координаторот во демиркапискиот музеј, Звонимир Будимировиќ, нагласува дека Свети Трифун за нив не е само верски празник.

– На овој ден општината е омилена дестинација за многу гости од земјава и од странство. Овде, покрај Вардар, од дамнина има живот и богата лозаровинарска традиција, а посетителите може да ја почувствуваат во нашиот Музеј на виното, единствен од таков вид во поширокиот регион. За две години од постоењето на музејот, во магичноста на неговите експонати се уверија околу 5.000 гости, домашни и странски туристи. Нивниот број секојдневно расте. Нашето непроценливо богатство ќе биде достапно за вљубениците во културата и историјата и на големиот празник посветен на заштитникот на лозарите. Нашите витрини кријат безброј тајни. Многу од тие тајни говорат токму за тоа како во минатото се славеле грозјето и виното – вели Будимировиќ.

Демиркапијци се задоволни што се на туристичката мапа која привлекува внимание. Манифестацијата што ја организираат Министерството за економија преклани ја прогласи за најдобра на Светскиот ден на туризмот. Лани првата лоза ја закрои претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, со вицепремиерот Зоран Ставрески. Kој ќе биде во улога на главен кројач годинава е тајна, но не е тајна дека туристичкиот дух с` повеќе се чувствува во Демир Kапија.

Светлана Дарудова

Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=5E0627C62A3F2D43A8E6C0126FAD33BB

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …