Почетна / Вести Македонија / Зеленчукот „богат“ со метали и до 300 пати над дозволеното

Зеленчукот „богат“ со метали и до 300 пати над дозволеното

Енормно присуство на елементи и метали во земјоделски производи во еден предел на Тиквешко од 10 до 300 пати над дозволеното покажале хемиските анализи направени поради судски процеси против потенцијален загадувач од Kавадаречко. Ова го обелодени за „Дневник” судскиот вештак по земјоделство Диме Златев од Kавадарци, магистер по заштита на растенијата, во пензија.

– Се работи за примероци од производи што се во непосредна близина на потенцијален загадувач. Особено загрижува податокот дека некои од тие елементи и метали досега ги немало во земјоделските производи од регионот. Нивната енормна концентрација сега придонесува за сушење на листовите и на плодовите – објаснува Златев.

Тој вели дека алармот за тревога е вклучен, дека агресија од контаминација надвиснала над градот на виното и ракијата. Но вели дека уште повеќе загрижува што тие производи ги консумираат токму граѓаните.

– Се поставува прашањето колку е безбедна храната што ја консумираат кавадарчани. Се сомневаме во нејзината исправност и во амбиенталниот воздух што го дишиме, а кој, според нас, е загаден од индустријата. Но, според мене, индустријата не е единствениот виновник за зголемената смртност во најлозарскиот град во Македонија. Повеќе фактори имаат влијание врз тоа – вели тој.

Златев кажува дека многу од земјоделците се недоволно едуцирани, па под каренца при заштитата на растенијата подразбираат време на дејство на хемискиот препарат. А таа всушност го претставува рокот во кој плодот од земјоделското растение не смее да се консумира по третирањето со пестициди.

– По правило лозјата треба да престанат да се третираат со пестициди 40 дена пред берба на грозјето. Неправилната употреба на хемијата во земјоделството исто така влијае на општата нечистотија во природата. Тука би ја посочил и депонијата, која понекогаш самата се пали и исто така загадува – категоричен е човекот, кој своевремено беше и претседател на еколошкото друштво „Одек” од Kавадарци. Неговата слика како со маска на устата протестира своевремено против загадувањето во Kавадаречко стигна и во странски медиуми. Златев предупредува дека алармантното зголемување на заболувањата во Kавадарци мора да предизвика опсежно истражување за вистинскиот причинител на загадувањето во регионот.

– Секој од нас има уставно право да живее во чист амбиентален воздух. Само несовесен човек може да остане нечувствителен на оваа еколошка агресија од контаминација, од која последици имаат луѓето, растенијата и животните. Потребно е почитување на законите од областа на екологијата. Во спротивно, Тивешијата ќе биде осудена како регион каде што има аерозагадување и ќе биде ставена на црната листа со региони во кои се произведува загадена храна – предупредува Златев во изјава за „Дневник”.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …