Почетна / Вести Македонија / „Везе Шари“ ќе произведува струја од биогас

„Везе Шари“ ќе произведува струја од биогас

Во живинарската фарма „Везе Шари“ од тетовското село Требош наскоро ќе се произведува електрична енергија од алтернативни извори.

Во кругот на фармата е поставен камен-темелник на гасна електроцентрала, која електричната енергија ќе ја добива со искористување на биогас. Инвестицијата е вредна 5 милиони евра. Со неа од кокошкиното ѓубре од фармата и од други отпадоци ќе се овозможи производство на 1 мегават електрична енергија на час.

– За реализација на овој проект во „Везе Шари“ се работеше со години. Покрај домашните, се вклучија и германски експерти, кои ја одредија најдобрата формула за добивање алтернативна електричната енергија, со што ќе се придонесе и за зачувување на околината. Оваа гасна електроцентрала „Електро Шари“ ќе биде прв ваков проект не само во Македонија, туку и пошироко. Ова претставува посебна гордост за сите нас и за нашата земја – рече Арбен Абдурамани, сопственикот на фармата „Везе Шари“.

На поставувањето на камен-темелникот на гасната електроцентрала присуствуваа повеќе министри од Владата, пратеници и претставници од германската амбасада.

Живинарската фарма „Везе Шари“ е формирана во 2001 година, а во неа работат седумдесетина вработени.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …