Стекнување знаења и вештини за донесување значајни одлуки при раководењето и работата со земјоделските задруги, беше целта на еднонеделната обука што ја спроведе Центарот за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој (ЦеПроСАРД). Обуката организирана во соработка со Министерство за земјоделство, ја завршија менаџерите во постојните 18 земјоделски задруги.
– Нашата основна цел е да ја обезбедиме неопходната помош во делот на задругарството и кооперативата како нови, нужни облици на земјоделско организирање и дејствување. Во оваа насока, подготвуваме закон за земјоделски задруги со што овие субјекти ќе имаат и своја правна рамка – изјави заменик-министерот Зоран Коњановски на завршната манифестација во Струмица.
Тој имаше можност да се запознае со првичните искуства од стартот на задругарството, како и со евентуалните тековни проблеми при здружувањето.
– Преку примери од секојдневното работење на една земјоделска задруга, менторите од ЦеПроСАРД на едноставен начин не воведоа во техниките на организирање и водење земјоделските задруги, но и во улогите на претставување и потпишување договори за соработка меѓу задругите и нашите идни партнери – изјави претседателот на Македонската асоцијација на земјоделски задруги, Менде Ивановски.
Габриела Мицевска од ЦеПроСАРД оцени дека обуката е убава можност за подигање на знаењата и вештините кај менаџерите во донесувањето значајни одлуки.
Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=C3DD373FF4511A48BA6BBE6A8613A460
агри.мк Портал за промоција, развој и поттикнување на земјоделството во Македонија