Почетна / Вести Македонија / Од лошо грозје нема добро вино

Од лошо грозје нема добро вино

Таа е првата жена-енолог во Македонија, па затоа во винарските кругови ја нарекуваат винската леди. Пензионираниот енолог Марија Велковска 22 години го подготвува виното што се извезува на европскиот пазар, па низ нејзините раце вели дека поминале над 200 милиони литри македонско вино за Германија. Била консултант во повеќе винарници. 

Иако Тиквешијата е најголем и најпознат лозаровинарски регион во Македонија, првата жена-енолог е штипјанка, која живее во Скопје. Таа, всушност, по професија е хемиски инженер, која мајсторлакот за правење добро вино започнала да го пече во винарницата „Сковин” во 1978 година како шеф на лабораторија. Во времето кога немало дипломирани енолози во државава таа била прва мајсторка за вино со школо. Таа извесен период била и управник на винарницата, со годините се усовршувала, а вели дека с` уште се усовршува. Од 1991 година имала приватна фирма преку која како консултант-енолог работела во повеќе винарници. Kако хемичар ја прашавме за формулата за добивање врвно вино.

– Нема некоја посебна формула. Секоја берба на грозје има свои специфики. Технологијата што се применува се приспособува на карактеристиките на грозјето што е на располагање. Вистината е дека од лошо грозје не се прави добро вино. Добар енолог е оној што нема да расипе здраво грозје, туку од него ќе направи извонреден пијалак. Многу е важно тој што го прави виното да си ја сака својата работа, винарството да му е љубов. Искуството исто така е плус на контото на винарот. Рецептот е во неговата душа. Тука е тајната – вели оваа скромна жена. 

Велковска нагласува дека виното е всушност приказна што привлекува консументи. Вели дека енологот е дизајнер што експериментира и дизајнира во својата лабораторија, но истовремено треба да ја следи и модата во винарството во светот. 

– Во Македонија жените веќе го земаат приматот во винарството. Ме радува тоа што има многу млади надежни енолози што си го знаат занаетот. Сепак, има малку повеќе жени од мажи во винарството. Не сакам да ги навредам мажите, но жените се сепак малку попрефинети во својот вкус. Што се вели, имаат повеќе осет – Велковска. 

Таа за виното може да зборува со часови, со денови. 

– Виното е дел од мојот живот. Ем го правам ем го пијам. Не сум пијаница, скраја да е, ама сакам да се напијам добро вино. Во нашиот дом отсекогаш се пие вино и кога е виното во прашање, јас го имам главниот збор. Обожавам „вранец“. Ниту сум се опила досега ниту сум видела пијана жена, ама велат дека пијаните жени се многу интересни. Сум испила и до два литра вино, на пример, за неколку часа, ама потковано со добро мезе – вели таа. 

Сега е пензионер, но нејзината дружба со божествениот пијалак не престанува. И понатаму дава консултации за правење вино, а најмногу на ќерка ~, која и самата е биотехнолог и работи како енолог во винарница. Несебично им дава совети на своите млади колеги-енолози и се радува на нивните успеси. 

– Жално е што некои винарници ги купуваат трговци што само трчаат по профит, а не даваат пари за обука на своите енолози, кои треба да одат на семинари и на симпозиуми во странство за да се доусовршуваат – вели Велковска. 

Таа не ги крие ни тајните за добро вино од помладите ни своите 64 години. Вели дека ќе дава стручни консултации за производство на вино с` додека ја држи здравјето оти, како што вели, пивото го измислил човекот, а виното – Бог. Виното, вели, се доживува со сите сетила, а не само со сетилото за вкус. 

– Виното првин се гледа со очите, потоа се мириса, а пред да се вклучи сетилото за вкус при пиењето, со чукањето со чашите се вклучува сетилото за слух. Божествената магија се чувствува само кога се вклучени сите сетила. За жал, многу од луѓето во Македонија немаат винска култура. Иако рака на срце почнуваат да учат дека пиењето вино не е еден литар „смедеревка“ со еден литар кисела вода. Луѓето имаат традиција да прават вино во домашни услови и многу од нив прават одлични вина, но им недостига ритуалот при пиењето што го зголемува задоволството – вели жената-доајен во македонското винарство. 

Нејзините родители исто така биле вешти во правењето вино и ракија, а традицијата во старото штипско семејство ја продолжил братот. 

– Никогаш не ја терав ќерка ми да стане енолог. Можеби растењето во семејство што има посебна почит кон виното си го направи своето. Но, мора да признам дека мојот син не го научив да пие вино, но затоа пак неговата сопруга, мојата снаа, знае да се отчети и за него. Секако, виното го сакаат и ќерката и зетот – се смее Велковска. 

Kога е во прашање традицијата во семејството, таа кажува и една анегдота за мајка ~.

– Сакала жената да направи мастика, ама не била најсигурна во рецептот. Брат ми ~ рекол да ми се јави да ме консултира, а таа мошне важна одговорила дека од зелени тикви семки не собира. Kога ја згреши мастиката, призна дека згрешила што не ме прашала – ни откри таа. 

Препорачува да се пие вино, но во умерени количества.

Светлана Дарудова


Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=40BFCA82907B454E8880254A81403C13

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …