Почетна / Вести Македонија / Имињата на увозниците се чуваат во тајност

Имињата на увозниците се чуваат во тајност

Имињата на фирмите што увезоа српско канцерогено брашно со афлатоксини засега се држат во тајност. Kазни ќе има ако се утврди вина кај нив.

Според извори на „Дневник“, брашното било увезено од неколку фирми што имале валидни документи за увоз, според кои, во брашното немало присуство на отровни материи. Kако истите се појавиле откако тоа влегло во државава, дополнително ќе се утврдува. Во Агенцијата за храна и ветеринарство веќе имаат упатено допис до српските власти, со кој се бара да кажат како според нивните документи брашното нема присуство на афлатоксин, а нашите анализи го потврдиле спротивното. Во меѓувреме пченкарното брашно е дистрибуирано во маркетите и во пекарниците и ние сме изеле околу 1,5 тон. Другите осум тони се веќе повлечени од промет. Брашното се продавало во македонските маркети во пакувања од 500 до 700 грама. 

Во Агенцијата за храна велат дека наскоро очекуваат одговор од српска страна.

– Надлежните српски служби треба да ни кажат зошто резултатите од анализите покажале отсуство на афлатоксин и дали во моментот кога биле земени мострите, брашното било исправно со оглед дека количество афлатоксини се зголемува во случај на несоодветно складирање. Значи, можно е анализите да биле негативни, а во меѓувреме во брашното да се покачиле вредностите на микототксините ако чувањето не било како што треба – вели Дејан Рунтевски, директор на Агенцијата за храна.

Според Рунтевски, контаминираната пченка од Србија не е искористена за производство на домашни смоки или палента.

Агенцијата за храна и ветеринарство ги почна контролите со проверка на замрзнатата пченка за човечка исхрана. Резултатите покажаа отсуство на афлатоксини. Но, поради актуелната состојба во Србија, контролите беа проширени и во делот на производите од пченка – пченкарното брашно и гризот. Притоа зголемени нивоа на афлатоксини беа најдени само во пченкарното брашно и тоа во три мостри. Резултатите за палентата и за гризот се добри.

Се работи за 40 тони пченкарно брашно увезено во повеќе наврати од три фирми во Србија, но само 10 тони беа пуштени во промет. 

За да ги засили контролите, Агенцијата, како што информира Рунтевски, издаде и наредба до граничните инспектори да се забрани пуштањето во промет на секоја пратка пченкарно брашно наменето за човечка исхрана додека не се добијат резултатите од анализите за исправност. 

Целата работа започна минатата недела кога некои од лабораториите во Србија потврдија дека една третина од произведената пченка е заразена со афлатоксини. Според српските експерти, присуството на афлатоксините во пченката е предизвикано е од габи што се развиле како последица на сушата. Експертите велат дека дел од контаминираната пченка, која ги задоволува потребите за добиточна храна, може да се употреби во смесите за исхрана на животните, додека преостанатиот дел може да се пренасочи на производство на биоетанол или скроб, како и тоа дека со засилен инспекциски надзор може да се спречи контаминираната пченка да дојде во човековата исхрана.

Валентина Ангеловска


Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=EBEB6CFBECC310498116EA6CB8840284

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …