Заврши бербата на праски во Росоманско, како регион во кој најмногу се произведува овој вид овошје во Македонија. Оваа сезона беа набрани околу 13 милиони килограми, соопшти градоначалникот на Росоман, Стојанче Лазов.
– Имавме одличен род на прасковите дрвца, а родот се движи во рамките на ланското производство на праски од најразлични сорти. Најголем дел од праските заминаа за извоз, но има и дел што беше пласиран на домашниот пазар, како и количества овошје што завршија во македонските фабрики за производство на сок и на компот – изјави градоначалникот Лазов.
Просечната цена за еден килограм праски постигната годинава е 23-24 денари – информира тој, додавајќи оти во моментов с` уште се продаваат праски од Росоман на пазарите во земјава, но се работи за порано обрани количества, кои се разладуваат во ладилници.
Kога сме кај ладилниците, нагласува тој, во Росоман има 13 ладилници и 18 откупни пунктови, сите изградени во последните неколку години.
Извезените праски, додаде градоначалникот, завршија на пазарите во Русија, Белорусија, Украина, Хрватска, Молдавија, Србија и во други европски земји. (С.Д.)
Извор: dnevnik.mk