Почетна / Вести Македонија / Ако министерот спие, казна од 15.000 евра

Ако министерот спие, казна од 15.000 евра

Ригорозни глоби од 7.500 до 15.000 евра за службениците во Министерството за земјоделство и во Агенцијата за катастар и за министерот за земјоделство доколку во предвидениот рок не постапат по барањата на странките, предвидуваат последните измени дополнувања на Законот за земјоделско земјиште.

Се менува Законот за земјоделско земјиште со цел во него да се допрецизираат одредени одредби и постапки што ќе овозможат поефикасно водење на земјишната политика, но се зголемуваат и глобите за да се подобри ажурноста на вработените во институциите. Интересно е што глоба е предвидена и за министерот за земјоделство, во висина од 15.000 евра доколку не постапи во согласност со барањата на странките. За истиот прекршок ќе бидат казнети и службениците во Министерството, но нивната глоба е пониска и изнесува од 7.500 до 10.000 евра во денарска противредност, а исто толкави казни се предвидени и за вработените во Агенцијата за катастар на недвижности кои нема да постапат во согласност со роковите што ги предвидува Законот.

Измените и дополнувањата на Законот за земјоделско земјиште предвидуваат доколку три години од денот кога корисникот на земјоделско земјиште добил одобрение за пренамена во градежно не отпочне да гради, одлуката за пренамена нема да важи.
– При тоа надлежниот орган пред да издаде одобрение за градба на објекти на земјоделско земјиште треба да побара тие да бидат приклучени на потребната инфраструктура – стои во предложените измени што се доставени до Собранието на РМ.
Според предлагачот Министерството за земјоделство, меѓу другото со новите законски решенија се допрецизира начинот на водење на земјишниот регистар пред се постапката за размена на земјоделското земјиште во државна сопственост со земјоделско земјиште во приватна сопственост.

Со цел за поголема транспарентност се допрецизира постапката за трајна пренамена на земјоделското во градежно земјиште, постапката за изградба на објекти на земјоделско земјиште и постапката за давање на согласност за поставување на објекти или оранжерии на земјоделско земјиште.

За поголема ефикасност на надлежните институции и навремено решавање на предметите, со дополнувањето на Законот се воведуваат и глоби за службените лица кои нема да постапат по барање на странката.
– Целта на Законските измени е да се овозможи поефикасно водење на земјишната политика преку допрецизирање на поимите и воведување на нови поими во законот, евидентирање на необработеното земјоделско земјиште во приватна сопственост, постапката за воспоставување на право на службеност на земјоделското земјиште во државна сопственост, воведување на казнени мерки и други новини. Меѓу другото, се бришат правните лица, корисниците на земјоделско земјиште доколку истото не е запишано по основ на склучен договор за закуп или плодоуживање – се вели во образложението од Министерството.

Со прецизираните поими, сега под објекти за примарна обработка на земјоделски производи се сметаат освен градби наменети за одгледување на добиток и риби, ветеринарни амбуланти, лабаратории, конзервни капацитети, ладилници, објекти за земјоделска механизација и складишта за чување на земјоделски производи и објекти за администрација, резервоари за вода, продажен простор за продажба на земјоделски производи, капацитети за производство на вино, собирни центри за млеко, печурки и лековити растенија, како и кланички капацитети и други градби.

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …