Веќе функционираат осумнаесет кооперативи формирани по стариот закон, а по новиот се отворија уште дваесетина, но, сепак, бројката е занемарлива ако се знае дека во земјава има околу 70.000 земјоделци што самостојно вршат дејност.
Повеќе од 15 фарми што произведуваат млеко од неколку реони низ Македонија се приклучија кон првата кооператива за млеко „Милкооп“ со што станаа нејзини партнери и основачи со што се потврди дека задругарството и кооперативите се враќаат во македонскиот аграр. Според експертите, окрупнувањето на парцелите и меѓусебното здружување на фармерите е најбитната работа што треба да се направи во аграрот пред воопшто да се помисли за членство во ЕУ. Во земјава веќе функционираат осумнаесет кооперативи формирани по стариот закон, а се формирани уште дваесетина нови за само два месеца. Сепак, бројката е занемарлива ако се знае дека во земјава има околу 70.000 земјоделци што самостојно вршат дејност. Во Министерството за земјоделство велат дека сите земјоделци што ќе решат да се здружат во кооперативи годинава од државата ќе добијат парична помош за покривање дел од трошоците. Услов за тоа е да имаат изработена и одобрена програма.
Млекарите први се здружија
„Милкооп“ е најновата задруга верифицирана од Министерството за земјоделство, а ќе работи во согласност со законските прописи и националната стратегија за развој на производството на квалитетно домашно млеко.
– Се здруживме за да си помогнеме сами на себе, подобро да ги искористиме сопствените производствени потенцијали, да дојдеме до подобар квалитет на млекото како и до посигурен и гарантиран откуп по прифатливи цени. Очекуваме за кратко време кон нашата кооператива да се приклучат и нови фармери со што ќе прерасне во сериозен откупувачки центар на млеко – изјави Мартин Трајчев, менаџер на „Милкооп“. Оттаму најавуваат подобра организираност, развој и сигурност во работењето на млекопроизводителите, како подобра позиција во преговорите со млекопреработувачките центри.
– На фармерите ќе им биде понудена квалитетна добиточна храна на одложено плаќање по прифатлива цена, обуки за хигиена на фарма и исхрана на кравите, правни и ветеринарни совети, проверка на квалитетот на млекото, но и помош за обезбедувањето субвенции од страна на државата. Млекото ќе им се продава на млекопреработувачи што ќе обезбедат најдобри услови за откуп врз основа на реални економски параметри – велат од „Милкооп“.
Два типа кооперативи
Според Министерството за земјоделство, бенефитот од задругарството е повеќекратен – најмалку пет отсто пониски цени на репроматеријалите на задругарите, поголема финансиска поддршка, наместо 50 отсто, се планираат 60-70 проценти кофинансирање за земјоделска механизација. Државата ќе регресира и 20 отсто од надоместокот за вода што треба да плати задругата. Ќе се покриваат и дел од средствата за осигурување на посевите, како и платите на менаџерите на задругата во првите години.
– Предвидено е да има два типа задруги, од помал и од поголем обем, зависно од бројот на членовите и земјата што ќе се обработува. Тие може да побараат средства за трошоци за регистрација, за закуп на простории, набавка на компјутерска опрема и мебел, за водење сметководство, како и за едукација и обука. Парична помош ќе добиваат и за организирање информативни активности за нивните производи, за учество на саеми и за изработка на промотивни материјали – стои во законот.
Земјоделците сепак се плашат од здружувањето поради искуството од минатото. Но, целта на задругите денес е производителот да има неприкосновено право на сопственост на земјиштето. Здружувањето практично се гледа исклучиво од аспект на економски интерес – подобрување на преговарачката позиција на секој земјоделец и зголемување на производството, задругата да биде достоен партнер за дијалог со откупувачите.
На Факултетот за земјоделство и храна велат дека расцепканото земјоделско производство, кое со години е без стратегија, никако не може да успее на конкурентниот европски пазар.
Валентина Ангеловска
Извор: dnevnik.mk