Почетна / Вести Македонија / Со трпение земјоделците може да добијат европски пари

Со трпение земјоделците може да добијат европски пари

Процедурата предвидува поднесување профактура и апликација за добивање помош во Платежната агенција, па ако ја одобрат помошта, се потпишува договор. Потоа си ја плаќаш опремата или тоа за што ја добиваш помошта и чекаш да ти вратат 50 отсто од вредноста на инвестицијата, објаснува Диме Илиев, земјоделец од Kавадарци.

 

Не е тешко да се пополнат формуларите за да се стигне до европските пари, но проблем е што мора да чекаме за да ги добиеме на сметка, вели Диме Илиев, сопственик на земјоделска фирма за лозови насади од Kавадарци.

Тој досега трипати аплицирал за помош од ИПАРД-програмата и добил околу 20 илјади евра за купување механизација.

– За нас како земјоделци најголем проблем се парите и времето. Сите работиме со кредити за да купиме нешто, ги отплаќаме, а потоа ги чекаме парите од ИПАРД – вели Илиев.

Земјоделците, според него, не треба да се плашат дека ќе мора да пополнат купишта документи за да стигнат до парите.

– По објавување на повикот, процедурата предвидува поднесување профактура и апликација за добивање помош во Платежната агенција, па ако ја одобрат помошта, се потпишува договор. Наредниот чекор е да си ја платиш опремата или тоа за што ја добиваш помошта, а потоа ќе чекаш да ти вратат 50 отсто од вредноста на инвестицијата. ДДВ е на товар на земјоделците – објаснува Илиев.

ИПАРД-поддршката се однесува на периодот 2007-2013, и е за инвестиции за реструктурирање и надградба на земјоделските стопанства според стандардите на ЕУ, за инвестиции во преработка и пласман на земјоделските и земјоделско-прехранбените производи и за инвестиции за диверзификација и развој на руралните економски активности. Проектите треба да бидат од секторите лозарство, овоштарство, градинарство и одгледување добиток за производство на млеко и на месо.

Според извори од Федерацијата на фармери на Македонија, нивните членови се заинтересирани за програмата, но малкумина од нив ќе може да ги добијат европските пари бидејќи повеќето не се подготвени за фондовите.

– Треба да се исполнат и голем број услови и стандарди – велат од Федерацијата.

Ако некој земјоделец сака да стигне до европските пари, ќе треба да пополни барање од десетина страници во кое се вклучени податоците за барателот, производствените капацитети, приоритетните инвестиции, вредноста на инвестицијата, како и список на посебни документи. Меѓу овие документи се потврда за пријавени производни капацитети во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, не постара од три месеци, уверение за платени даноци за последната фискална година, доказ за сопственост на земјиштето или доказ за право на користење на земјиште, потврда за упис во Националниот регистар на лозови насади, на пример, записник за старост и сортата на овошниот насад итн.

Еден од предусловите за да се стигне до земјоделските грантови е регистрирање на земјиштето. Во тек е едногодишниот проект на ЕУ од ИПА-програмата во вредност од 750 илјади евра за регистрирање на земјоделските парцели.

– Kога земјоделците ги регистрираат своите парцели, мора да ги идентификуваат врз основа на сателитско снимање, по што следува дигитализрање на сателитските снимки – објаснува водачот на проектот, Ендрју Роуландс.

Ова регистрирање е особено важно за добивањето национални субвенции за земјоделците, но и за аплицирање европска помош.

– Најголемата придобивка за земјоделците е тоа што земјиштето ќе се измери, бидејќи европската помош се дава врз основа на површина, односно по хектар. Но проблемот е што таа површина не е постојана, па на пример на земјоделското земјиште може да е изградена куќа која не е заведена во катастарот, а на сателитските снимки добро се гледа – вели Роуландс.

Во моментов, според него, најголем проблем за земјоделците е што не можат баш лесно да го разберат сателитското снимање и фотографиите, па имаат одбивност за регистрирањето, но додава дека мора да сфатат дека треба да се регистрираат за во иднина, ако сакаат било национални било ЕУ-субвенции. (Ж.П.Б.)

Помош за кандидатките за ЕУ

Главната цел на петтата компонента за рурален развој од ИПА е подобрување на пазарната ефикасност во секторите земјоделство и преработка на земјоделски производи, притоа доведувајќи го системот до ниво на стандардите на ЕУ, од една страна и развивајќи ја руралната економија по пат на диверзификација на земјоделските економски активности, од друга страна. Петтата компонента на ИПА, во периодот од 2007-2013 г., е отворена исклучиво за државите-кандидатки.

Петта компонента на ИПА за Македонија

2007 2,1 милиона евра
2008 6,7 милиони евра
2009 10,2 милиони евра
2010 12,5 милиони евра
2011 16 милиони евра
2012 19 милиони евра
2013 21,3 милион евра


Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …