Државата ќе вложи над 80 милиони евра во проширување и реновирање на системите за наводнување на земјоделските површини, со цел да се добијат поголеми принос.
Во следните пет години државата ќе вложи над 80 милиони евра за проширување и ревитализација на постојните системи за наводнување. Дел од средствата ќе бидат наменети за проширување на системот за наводнување „Стрежево“ со кој ќе бидат опфатени една третина од обработливите површини во пелагонискиот регион.
– Сушата за житото е најопасна на почетокот на јуни. Тогаш зрното е испиено однатре и оди за слама. Се појавува и житна пијавица, лама, а пченицата која ќе ја зафати се коси. Во последните години маки мачиме со глобалното затоплување во деловите во кои нема организирано наводнување. Тоа е и една од причините што приносите жито од хектар се случува да паднат и до 2.000 килограми, а во минатото кога немаше толкави жеги добивавме и по 5.000 килограми од хектар – вели Трајан Ѓоргиевски, земјоделец од Бач.
Од Сојузот на земјоделците посочуваат дека грешката била направена пред неколку децении кога бил изграден системот за наводнување, бидејќи не бил проширен од другата страна на реката Црна, поточно кон Новаци и Могила.
– Потреба од проширување на системот се чувствува одамна. Земјоделците веќе подолго време бараат од државата да даде субвенции за копање бунари, за да може барем на некој начин да се врши наводнување на површините во кои нема вода. Оние чии површини се опфатени со системот не „гледаат во небото“ дали ќе заврне или не. Таму каде што е системот, со високите приноси од пченка ги надминуваме дури и српските земјоделци – вели Вељо Тантаров, претседател на Сојузот.
Заменик-министерот за земјоделство Зоран Kоњановски ја најави петгодишна програма за санација, реновирање, доградба и изградба на системи за наводнување во Македонија.
– Во следниот период планираме околу 80 милиони евра да инвестираме во оваа дејност бидејќи сметам дека во последните 30 години била запоставена и откако се направени системите има стагнација, па дојде време да се посвети внимание и на таа област. Секоја година ќе се зголемуваат средствата во програмата за рурален развој, а преку неа ќе инвестираме во системите за водоснабдување – изјави Kоњановски.
Од Јавното претпријатие „Стрежево“ информираа дека тие веќе започанале со проширување на цевководниот систем низ повеќе битолски села во кои има жители кои претежно се занимаваат со одгледување жито. Воедно ја реконструираат и деталната цевководна мрежа со што е подобрена услугата и намалени се дефектите.
– Во Лисојал мрежата е проширена за над 20 хектари. Во Црнеец е обезбедена техничка вода за домаќинствата и мини добиточните фарми. Во Егри се овозможи техничко решение за наводнување на земјоделските парцели, а во Породин ќе бидат опфатени 18,5 хектари, кои поради оддалеченоста од хидросистемот досега се наводнуваа со вода од бразди – изјави д-р Љупчо Бошевски, директор на ЈП „Стрежево“.